Достапни линкови

Фер избори во јуни ако не се попречува „Пржино“


До 5 јуни, кога се закажани изборите, има доволно време да се заврши со прочистувањето на избирачкиот список и законот за медиуми, a доколку ВМРО-ДПМНЕ не прави опструкции, можни се кредибилни избори.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја попречува имплементацијата на Договорот од Пржино има доволно време до 5 јуни да се остварат условите за спроведување на фер и демократски избори, вели лидерот на Либерално-демократската партија Горан Милевски, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела. Тој истакнува дека неговата партија била првата која на почетокот на ноември минатата година, предупредила дека избори на 24 април нема да има доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го блокира пржинскиот договор.

„Бевме силно критикувани од каде ни се таквите прогнози, меѓутоа на крајот излезе дека сме биле во право. Сега дадовме проценка дека петти јуни е сосема доволен термин доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги попречува повторно преговорите, односно имплементацијата на Договорот од Пржино на кој тие се потписници ќе биде сосема доволен период на 5 јуни да се одржат едни легитимни и легални избори на кои очекувам опозицијата здружена и обединета да извојува една победа“, вели Милевски.

Од ДИК најавија дека во наредните денови ќе започнат со вкрстување на податоците. Според новиот датум на изборите, пречистувањето на Избирачкиот список треба да заврши на 17 април, а листата на гласачи да биде заклучена до 7 мај. За регулација на медиумите во меѓувреме нема најави дека ќе продолжат преговорите меѓу политичките партии.

„Доколку постои политичка волја од страна на сите актери во целиот овој процес, мислам дека има доволно време до петти јуни да се завршат овие две клучни и најбитни точки кои треба да се исполнат, а тоа е прочистувањето на избирачкиот список и законот за медиуми. Така што мое мислење е дека периодот кој што е утврден од страна на меѓународната заедница е доволно долг за да може да се спроведат овие две работи“, вели Митко Гаџовски политиколог од Факултетот за општествени науки.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека нивните информации укажуваат оти ДИК ќе стигне навреме да го прочисти избирачкиот список, а истовремено очекува дека во многу скоро време ќе има и регулација на медиумите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG