Специјалното јавно обвинителство досега нема иницирано постапка за лице кое треба да биде вклучено во Програмата за заштита на сведоци, велат за РСЕ од ова Обвинителство.
Затоа што заштитените сведоци ако им покажете дека може да ги заштитите, луѓето ќе сведочат. Ако не, никој нема да се пријави. Ризикот е дека информациите ќе протечат. Така што голема е опасноста дека ќе протече информацијата или ќе се направи опструкција за човек кој навистина знае нешто, да не биде вклучен во програмата на заштитени сведоци.Звонко Давидовиќ, адвокат.
Причината зошто до сега не побарале никој да биде заштитен сведок, според извори од СЈО е поради тоа што досегашниот Закон предвидува во целата постапка да бидат вклучени најмалку шест луѓе надвор од Специјалното обвинителство.
Според законот потребно е предлог за заштитен сведок од СЈО да биде доставен до државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој подоцна тој предлог заедно со целосни податоци за предложениот сведок, предложените мерки за заштита, опис на кривичното дело, процена на постојаните докази и опасноста, како и очекувањата од неговиот исказ да го достави до Советот за заштита на сведоци. Претседателот на Советот доаѓа од Врховниот суд, додека останатите доаѓаат, еден од Јавното обвинителство, двајца од Министерството за внатрешни работи и директорот на Управа за извршување на санкции.
Од СЈО бараат да се направат измени на Законот со кои ќе се вметне глава посветена само на оваа обвинителство, според која тие самостојно ќе одлучуваат кој сведок да го вметнат во програмата за заштита на сведоци. Ваквиот предлог е преземен од италијанскиот законски модел. Ваквото барање беше поддржано и од тројката европратеници кои неодамна беа во посета на Скопје.
Правните аналитичари велат дека доколку по сегашниот систем се внесуваат сведоците во програмата голем е и ризикот за протекување на информации и влијаење врз сведоци.
„Затоа што заштитените сведоци ако им покажете дека може да ги заштитите, луѓето ќе сведочат. Ако не, никој нема да се пријави. Ризикот е дека информациите ќе протечат. Така што голема е опасноста дека ќе протече информацијата или ќе се направи опструкција за човек кој навистина знае нешто, да не биде вклучен во програмата на заштитени сведоци, “ вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Во едно од решенијата што беше објавено од Судот е наведено дека СЈО имаат докази дека врз дел од сведоците е извршено влијание. Станува збор за осомничената поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која се заканувала врз еден од сведоците во предметот „Титаник“.
Заштитените сведоци во предметите кои се очекува да ги отвори Специјалното обвинителство може да бидат клучни, затоа што тие може да потврдат дали се точни наводите во прислушуваните разговори за кои судот оцени дека не може да се користат како докази.
Со внесување на сведок во програмата за заштита може да се промени и неговиот идентитет, живеалиште, па дури и промена на земјата во која живее, во зависност од степенот на заканата за која треба да се направи соодветна проценка.
Давидовиќ додава дека досегашната пракса во изминативе шест месеци покажа дека секој обид на Специјалното обвинителство да дојде до докази е миниран од институциите, особено од судството.
Тој смета дека со измени во Законот со кој ќе се прескокнат Советот и Зврлевски, Специјалното обвинителство не се става над другите институции, затоа што ова Обвинителство ги има истите овластувања како и останатите кои досега не ја завршиле работата.
„Не, не го става, затоа што ги добива истите овластувања кои ги имаше досега судството кое не функционираше, кое не направи ништо. Токму затоа е формирано и Специјалното обвинителство за да може да го сработи сето она што не е сработено до сега. Значи нема надвор од законот нови ингеренции, ги има постоечките само му се даваат на него за да нема опструкции.“
Тој смета дека е очигледно дека судството е диригирано и работи по нарачки, затоа што, како што вели, такви биле изборите на судиите во судскиот совет, кои, според него, се избрани без морален и професионален интегритет и не постапуваат по барањата на Специјалното обвинителство, затоа што си ја спасуваат своја кожа и сносат дел од одговорноста.