Достапни линкови

Признавањето вина - ново поглавје во случаите на СЈО


Архивска фотографија - Поранешниот министер Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и советникот во Општина Центар Томислав Лазаров пред Кривичниот суд во Скопје
Архивска фотографија - Поранешниот министер Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и советникот во Општина Центар Томислав Лазаров пред Кривичниот суд во Скопје

Признавањето на вина за кривичните дела кои ги гони СЈО отвора врата за нови сведоци и за забрзување на судските постапки за овие предмети и во останатите истраги, велат аналитичарите. Таквата ситуација ќе влијае во корист на СЈО, односно преку „помалите риби“ да се уловат поголемите, објаснуваат правниците.

Советникот од Општина Центар, Томислав Лазаров, кој призна вина за предметот на Специјалното јавно обвинителство познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“, односно „Насилство во Општина Центар“ помина со условна казна од шест месеци доколку во наредните две години не стори кривично дело.

Лазаров е четврто-обвинет во овој случај. Постапката за Лазаров во овој предмет беше одвоена поради тоа што тој беше единствениот што ја призна вината. Неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Никола Груевски, во Судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по тоа што им се става на товар во обвинението.

Првата пресуда за „шамарите“ в петок
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Ова е втора пресуда на обвинет кој признава вина, а е дел од случаите кои се поврзани со прислушуваните разговори. Првиот обвинет кој призна вина месецов е во предметот „Таргет - Тврдина“ и е осуден на условна казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори друго кривично дело. Од Специјалното јавно обвинителство не го откриваат идентитетот на осудениот, но посочуваат дека за него била раздвоена постапката, затоа што обвинетиот признал вина и ја прифатил спогодбата. Условни казни до сега добија седуммина обвинети во предметите на СЈО.

Ваквиот тек на настаните ќе влијае позитивно врз останатите предмети на СЈО, велат правните аналитичари. Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека признавањето вина е исклучиво на сопствената проценка за обвинетиот врз доказите. Тој очекува во иднина и други луѓе да се охрабрат и да признаат вина за сторени дела. Доколку во еден предмет има признание од еден обвинет, тоа повлекува правна последица и врз останатите обвинети.

„Судот признанието на еден од обвинетите во предметот го оценува во склоп со сите изведени докази. Самото признание на едно лице зборува дека презентираните докази се објективни и врз нив се утврдува вина. Останатите обвинети се доведени во една незавидна ситуација, каде што практично низ исказот на едно лице кое ја прифаќа вината, признава дека во тој конкретен случај е сторено кривично дело, и од тие докази ќе се бара кривична одговорност за останатите“, вели Трпеновски.

Тој објаснува дека со ова другите обвинети се доведени во објективно потешка ситуација без разлика што во процесот тие ја негираат вината. Соработката на обвинетите од пониските ешалони со Специјалното јавно обвинителство кои само слушале и извршувале партиски наредби, ќе му овозможи на тимот на Јанева подобар и полесен улов на поголемите риби кои се обвинети за криминал, корупција и злосторничко здружување, велат правниците.

„Иако калкулирањето во кривичната постапка на државните органи не е баш симпатично, но Специјалното јавно обвинителство си калкулира за да обезбеди докази иако казната е поблага. Признавањето Судот го цени како олеснителна околност, за да изрече поблага казна. Доколку обвинет не признава кривично дело, а се утврди од доказите дека го сторил делото, Судот ќе му изрече казна, но олеснителната околност што ја влече признанието нема за него да важи“, вели Трпеновски.

Во споениот предмет „Таргет - Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција. Меѓу другите обвинети на списокот се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Рочиштето на кое за прв пат Мијалков ќе седне на обвинителната клупа е закажано за 22 декември. Овој предмет на СЈО е еден од најважните, затоа што се однесува на тоа кој го вршел нелегалното прислушување во УБК и за незаконското уништување на системот за прислушување.

Со условна казна затвор поминаа и шесте службенички во УБК кои беа осудени поради уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување. Пет од обвинетите службенички во УБК добија по една година условна казна, доколку не сторат друго кривично дело во следните три години. Само една од обвинетите, доби помала условна казна од девет месеци, бидејќи придонела во утврдување на вистината за случајот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG