Во напната атмосфера помина првото маратонско петчасовно рочиште за предметот познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“, односно насилство во Општина Центар. По повеќе од една година помината во одложување на судски рочишта, денеска судскиот предмет стартуваше со главна расправа во која еден од обвинетите, советникот во Општина Центар, Томислав Лазаров ја призна вината за делото и изјави во Судот дека се кае за стореното. Неговите сопартијци и лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, во Судот за прв пат проговорија и рекоа дека не се чувствуваат виновно. Како невин се изјасни и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е второобвинет во случајот, како и третообвинетата, пратеничката Даниела Рангелова.
Пресудата за Лазаров кому денеска му се судеше во одвоена постапка, поради признанието на вина ќе биде соопштена в четврток. Пред медиумите побара разбирање и најави дека во јавноста ќе се изнесе по соопштувањето на пресудата.
„Ве молам за разбирање. Во интерес на постапката додека да заврши процесот не сакам ништо јавно да зборувам“, рече Лазаров, отргнувајќи се од новинарските микрофони.
Во судницата Лазаров изјави дека не бил присилен за признание и дека тоа го дава свесно и доброволно. Неговото признание ги изненади сите, од неговата одбрана до неговите сопартијци како и обвинителката Фатиме Фетаи, која во завршните зборови посочи дека е позитивно изненадена и дека признание ќе биде олеснителна околност.
Надвор од судницата, од неговите сопартијци само третообвинетата пратеничката Даниела Рангелова и лидерот на партијата Никола Груевски застанаа за кратка изјава пред медиумите, но не сакаа да го коментираат признавањето на вината на Лазаров, кое ќе влијае подоцна и во постапката која се води против нив.
„Денеска продолжи расправата за овој случај и јас за прв пат имав можност во Судот да се искажам дека сум невин. Се надевам дека што побрзо ќе заврши овој процес и со тоа ќе заврши целата оваа приказна и ќе се докаже мојата невиност. Не би можел да го коментирам потегот на Лазаров, тој можеби има некои лични причини, зошто тоа го кажал, најдобро е него да го прашате, јас се искажав за мене, и сите други се искажаа за себе“, изјави по рочиштето Груевски.
Сличен став имаше и Рангелова, која посочи дека секој се произнесува, како што се чувствува.
„Затоа треба да почекате да се истера цел судски процес за на крај да носите заклучоци. Мислам дека вие не сте во улога на судија, ниту адвокат за прашувате такви работи, оставете да си тече постапката, па кога ќе бидат правосилни решенијата, ќе дојдете да побарате изјави од сите нас“, им рече Рангелова на новинарите.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи во завршните зборови за издвоената постапка за Лазаров изјави дека Никола Груевски е тој што ги поттикнал послушниците во партијата да го извршат крвичното дело насилство.
„Судот треба да ги земе предвид и олеснителните околности, но исто така и отежнувачките, односно пораката која овој настан ја праќа, а тоа е дека со насилство може да се спречи нормалното функционирање на избраната власт, а ова има и далекусежни последици и на 27 април годинава. Барам кривична санкција во согласност со законот“, изјави Фетаи во судот.
Фетаи очекува осудителна пресуда за Лазаров кој призна вина во судницата.
„Ова признание на вина од овој обвинет ќе има влијание врз целокупниот тек на процесот. Но почекајте ќе бидете присутни на наредните рочишта по овој предмет и ќе дознаете“, вели Фетаи.
Во текот на рочиштето судијката Татјана Михајлова делумно го смени односот кон присутните. Ако во претходните рочишта ги опоменуваше само претставниците на СЈО, денеска опомени неколку пати беа упатени и кон претставниците на одбраната.
Во првите три часа од рочиштето одбраната и обвинителите од тимот на Катица Јанева водеа правна битка за дали воопшто да започне главната расправа на предметот. Првата тема на дебатата беше барањето на еден од обвинетите Димче Крстев да биде одложено рочиштето затоа што не се чувствувал добро.
„Имаме две раздвоени постапки, едната е против обвинетиот Димче Крстев, кој изјави во Судот дека не е здравствено добар и дека е потребно да ангажира адвокат, па од добронамерни причини за да му се овозможи да биде подобар и да ангажира адвокат постапката е одвоена“, изјави по рочиштето Фетаи.
Следната правна битка се однесуваше и на доказите односно прислушуваните разговори за кои Апелација ја укина одлуката на Михајлова, по што тие треба да бидат употребени како докази во судската постапка. Одбраната бараше Судот пред да почне со главна расправа да одлучува по нивните приговори за доказите, додека СЈО сметаше дека е неопходно почнување на расправа во која еден по еден ќе може да бидат анализирани сите докази.
Судијката Михајлова за прв пат во овој процес не ги прифати сите барањата на одбраната.
Денеска не се сретнаа премиерот Зоран Заев и неговиот претходник Никола Груевски во судот, иако и за двајцата рочиштата беа закажани во ист термин. Заев порани половина час и пред медиумите соопшти дека неговото рочиште е одложено, додека Груевски пристигна 15 минути подоцна, откако сите беа влезени во судницата.