Достапни линкови

„Бомбите“ како докази ја отвораат Пандорината кутија?


Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски
Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски

Од голема важност за СЈО е одлуката на Апелациониот суд „бомбите“ да се користат како докази во случајот со „шамарите“ во Центар, коментираат правници. Судот образложи дека прислушуваните разговори се доказен материјал, кои влегле во правниот поредок со формирањето на СЈО.

Одлуката на Апелациониот суд - нелегално прислушуваните разговори да се сметаат за докази во случајот на СЈО за „шамарите“ во Центар, е голем чекор за Специјалното јавно обвинителство, коментираат правници.

„Бомбите“ може да се користат како доказ во овој случај, оцени Апелациониот суд. Судот образложи дека прислушуваните разговори се доказен материјал, кои влегле во правниот поредок со формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Јошевска - Се праќа порака за казнивост на криминалното однесување

Адвокатката Сузана Јошевска вели дека одлуката значи дека снимките ќе бидат изведени во постапката, како и секој друг доказ, и дека сега работата која ја вршеше СЈО ќе добие целосна смисла. Важноста да се дозволи снимките да бидат доказ во определени предмети на СЈО, не во сите, беше и остана од суштинско значење, вели Јошевска.

„Бидејќи таму имаме определени лица кои се јавуваат и како поттикнувачи и како помагачи и како остварувачи на индивидуални кривични дела, но немаше на кој начин да се поврзат доколку снимките беа исклучени и на овој начин со дозволување, можеме да очекуваме дека може да се достигне оној стандард надвор од разумно сомневање, кој е единствениот стандард кој мора да се исполни за да може да се донесе осудителна пресуда“, вели таа.

Јошевска додава дека одлуката е од исклучителна важност оти се праќа порака во општеството за казнивост на криминално однесување. ​

Таа објаснува дека Апелациониот суд постапува само по жалби на странки, а согласно законот за судови секој судија кој постапува по одреден предмет е самостоен и автономен да одлучува самостојно и тоа значи дека судиите законски имаат можност и да не ги почитуваат одлуките на второстепениот суд, бидејќи во Македонија нема преседани, а одлуки се носат според закон, Устав и меѓународни ратификувани договори, а не според други судски пресуди. Но сепак, вели таа, тоа создава притисок врз судиите ако знаат дека одлуката може да им биде променета од повисок суд.

„Тоа само ќе значи дека по цена на сопствените кариери и сопствениот професионализам одлучиле да купат ден повеќе за осомничените или обвинетите, бидејќи во основа не можат никако поинаку да помогнат или сменат нешто во постапката, туку само постапката ќе се одолговлечи“, вели таа.

Наков - Се создава правилна пракса во судството

Адвокатот Александар Наков, вели дека ова е чекор напред во делењето правда.

„Донесувањето на одлуката од Апелациониот суд, значи отворање на Пандорината кутија. Што сакам да кажам? Со тоа веќе се создава правилна пракса во судството, бидејќи за тоа постои пракса и од Меѓународниот суд во Стразбур, која за нас како одлука е задолжителна. За разлика од досегашните одлуки на судовите, кои беа крајно неиздржани, незаконити, јас би рекол криминални, ние сега влегуваме во теренот на правдата и Апелациониот суд има такви ингеренции и такви можности да ги исправи грешките или да донесува сопствени одлуки, како во конкретниот случај, кои се основани на закон“, вели Наков.

Апелација постапуваше по жалба на СЈО, откако Основниот суд Скопје 1 реши да не ги земе како докази снимките против Никола Груевски за „шамарите“ во Општина Центар. Судот тогаш рече дека снимките се прибавени на незаконски начин, но Апелациониот суд образложува дека со Законот за кривична постапка е регулиран начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивно создавање или на нивната содржина, што е и правен стандард заради запазување на јавниот интерес. Апелациониот суд соопшти дека без разлика како во конкретниот случај предметните аудио записи од телефонски разговори се создадени, истите се прибавени законски и можат да се користат врз основа на Законот за СЈО и Законот за кривична постапка.

Наков додава дека СЈО не располага само со снимените материјали, туку и со други докази.

„Прислушуваните снимки се доволна основа да се отпочне истрага, но СЈО не се базира само на тоа, туку тие си работат и натаму, оперативно и си собираат и други докази кои ќе одат во прилог на веќе постоечките“, вели Наков.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека е скандалозна одлуката на Апелациониот суд Скопје да ги прифати прислушуваните разговори како доказ.

„Судот не го издржа притисокот на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само и само врз основа на Устав и на закон и никако поинаку“, рече Антонијо Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, нелегално стекнати материјали ниту можеле ниту можат да служат како докази во која било постапка.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG