Достапни линкови

СЈО ќе ја продолжи работата во посебно одделение во ОЈО?


Архивска фотографија, Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО
Архивска фотографија, Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО

Правните експерти сметаат дека мандатот на СЈО, кој завршува за десет дена, треба да го продолжат пратениците во Собранието. Но, бидејќи е тешко да се добие потребното двотретинско мнозинство, очекуваат оваа институција да ја продолжи работата преку посебно одделение во ОЈО.

Иако најдобро решение е мандатот на Специјалното јавно обвинителство да биде продолжено со двотретинско мнозинство во Собранието, правните експерти се убедени дека тоа е речиси невозможно. Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, најреална опција би била припојување на СЈО кон државното јавно обвинителство.

„Мислам дека е пореално да се припои кон Основното јавно обвинителство, кое има целокупна надлежност, или практично ОЈО да има две истурени одделенија. Едното да е одделението за организиран криминал, кое работи со поставен раководител, но автономијата е запазена. Според тоа и СЈО би можело да биде како посебно одделение со актуелниот раководител Катица Јанева и со надлежностите што произлегуваат од Законот за СЈО“, изјави Трпеновски.

На ваков начин Трпеновски вели дека СЈО ќе може да продолжи да работи особено по изборот на нов државен јавен обвинител, кој, тргнувајќи од принципот на хиерархиска потчинетост може да има влијание врз работата на основните обвинителства, вели Трпеновски.

„Доколку дојде до промена, а секако ќе дојде до промена на државниот јавен обвинител, тој ќе си ги почитува своите ингеренции и каква било опструкција од кој било јавен обвинител, ќе може да ја амортизира, тргнувајќи од принципот дека хиерархијата му дава за право тој да дава насоки за конкретни случаи. Мислам дека на таков начин ќе може да се обезбеди натамошната работа на СЈО,“ уверува Трпеновски.

И според професорот Осман Кадриу, најдобра алтернатива за продолжување на мандатот на СЈО е преку Собранието, но како што вели, во атмосфера на поларизација на односите во моменталниот пратенички состав тешко може да се постигне таков договор. Според Кадриу, и втората опција која подразбира да се укине членот 22, односно одредбата со која се ограничува рокот за водење на истраги и подигање на обвиненија, односно да се интервенира преку Уставниот суд е неиздржана.

„Останува СЈО да ја продолжи работата, бидејќи има мандат од пет години, со тоа што нема да може по истекот на рокот за покренување на постапки да покрене нови обвиненија кои произлегуваат или ќе произлезат од содржината на прислушуваните разговори. Сметам дека тоа треба да продолжи да работи, а новите предмети кои ќе се оформат треба да преминат во надлежност на државното обвинителство, кое не смее да се прогласи за ненадлежно оти всушност тоа е надлежно за сите видови на кривични дела кои треба да се гонат по службена должност“, изјави Кадриу.

Експертите сметаат дека каква и опција да се избере ќе биде потребна политичка волја за да се овозможи СЈО да си ја заврши својата работа. Тоа, според нив, го очекува и домашната и меѓународната јавност, која беше и иницијатор за формирање на оваа институција во согласност со Пржинскиот договор.

Како што беше предвидено со Законот за СЈО, на тимот на Катица Јанева му беа оставени 18 месеци за поведување нови обвиненија и уште пет години за да ги докаже отворените случаи, но тие 18 месеци веќе поминаа, па мандатот на СЈО истекува на 30 јуни годинава.

Како што соопшти СЈО на последната прес-конференција, тимот на Јанева досега успеал да преслуша повеќе од половина телефонски разговори, а дали ќе може докрај да ги заврши предметите зависи од политичката волја на партиите поради потребата од двотретинско мнозинство за продолжување на мандатот на СЈО.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG