Распишана е меѓународна потерница за поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски и разузнавачот на УБК Никола Бошковски соопшти МВР. Во нивното соопштение е наведено дека причина за распишување на меѓународната потерница е што обвинетите по неколку часовна потрага не се пронајдени ниту во нивните домови, ниту на локациите за полицијата имала сознанија дека можеби би се криеле, односно освен во Скопје ги барала и во станот на роднините на Грујевски во Велес и викедницата во Охрид.
Полицијата доцна во ноќта од судот ги доби налозите по кои веднаш постапи, велат од МВР. Утрината, пак, наведуваа дека немаат сознанија дали обвинетите побегнале од земјава. Полициски извори за дел од медиумите тврдат дека не можат да ги лоцираат обвинетите по нивните телефони, затоа што ги оставиле дома, односно побегнале без нив.
Ваквиот развој на настаните следеше откако десетина дена се чекаше да стане правосилна одлуката за притвор. Петчлениот совет на Врховниот суд вчера донесе решенија со кои се одбиени жалбите на Грујевски и Бошковски, односно ги потврди решенијата на Апелациониот суд за определување мерка притвор за двајцата во траење од 30 дена. Претходно, на 17 јули, пред 10 дена, како што е познато, Апелациониот суд ги уважи жалбите на СЈО и им одреди мерка притвор.
Тогаш, разгледувајќи ги жалбите за предметите познати во јавноста како Тврдина и Таргет, Апелациониот суд одлучи да ги преиначи мерките за претпазливост во притвори за тројца, односно за Грујевски, Бошковски и за поранешниот шеф на кабинет на директорот на УБК Сашо Мијаков, Тони Јакимовски кој во изминатава година работи како генерален директор на Југо-источниот европски центар за спроведување на законот(СЕЛЕК) со седиште во Букурешт. Во случајот на Јакимовски Врховниот суд одлучи да го преиначи решението за притвор во мерка за претпазливост, односно покрај македонкиот пасош му го одземаа и дипломатскиот со што повеќе нема да може да ја извршува својата работа во Букурешт.
Грујевски, Јакимовски и Бошковски се обвинети во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ кои беа споени, и се товарат за прислушување и уништување на доказите за прислушувањето.
Одлуката за притвор Апелациониот суд ја образложи со опасноста од влијание врз сведоци и опасноста од бегство.
„Од приложените материјални докази во списите на предметот постојат докази за влијание на обвинетиот врз сведоците. Па така, од увидот во нотесот – тетратка, која е одземена од обвинетиот, произлегува фактот дека обвинетиот водел евиденција за сите сведоци кои се повикани или ќе бидат повикани да дадат исказ во јавното обвинителство со назначување на прашањата што ќе им бидат поставени и содржината на одговорите кои треба да ги дадат овие сведоци, а што наоѓа поткрепа од исказите на двајца сведоци предложени во листата на докази. Во компјутерот кој му е одземен запишувал на кој начин треба да се однесуваат повиканите лица во јавното обвинителство, на кој начин да одбегнуваат да дадат исказ и на кој начин да дадат исказ за да заштитат свој колега“, е наведено во образложението за мерката притвор за Грујевски.
Целта на Грујевски, според Специјалното јавно обвинителство, била да прикрие други лица кои што неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите.
Случајот Таргет СЈО го презентираше во јавноста во ноември минатата година, а предметот Тврдина беше презентиран во март лани. СЈО тогаш за Таргет тврдеше дека има докази дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање.
„Преку системите за следење на комуникациите од 2008 до 2015 незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без издадени судски наредби“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
„Се следело и пред да се издаде наредба и по нејзиното завршување, а такви случаи, според СЈО, има најмалку 1.541, изјави тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.
Таа тогаш посочи дека поранешниот раководител на УБК Грујевски многу често на своја рака и без судски налог внесувал телефонски броеви во системот за прислушување и ги слушал нивните разговори.
„Првоосомничениот, кој бил на раководна позиција, иако немал право, слушал телефонски разговори за кои не биле издадени истражни мерки, а давал и наредби за внесување телефонски броеви за лица кои биле во блиски односи со него, како и на политичари, бизнисмени и други лица“, рече Фетаи.
СЈО тврди дека прислушувањето продолжило и во 2016 година.
Вкупно 14 луѓе за двата предмета се обвинети дека го организирале и го координарале незаконското прислушување и дека учествувале во уништување на опремата за прислушување. Тие се обвинети за злосторничко здружување, злоупотреба на службена должност, фалсификување на службени документи и примање мито.
Од 14 обвинети СЈО побара од судот да им одреди мерки притвор на петмина од кои и на шефот на УБК Сашо Мијалков, но тој и натаму ќе се брани од слобода, само нема да смее да ја напушти Македонија, затоа што ги остави своите пасоши во судот. Тој е обвинет и во предметот Тврдина 2.
За предметот Тврдина СЈО тврди дека во 2015 година, непосредно по објавувањето на опозициските бомби обвинетите незаконски уништиле системи за следење на комуникации.
Обвинетите началници од УБК заедно со тогашната министерска за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на почетокот на 2015 ја уништиле опремата со фалисфикувани документи под изговор дека е застарена, со што на државата и била нанесена штета од 10 милиони евра. Тие биле помогнати од началник од одделот за оперативна техника и од документарист во управата, кој имал за цел да го прикрие точното време кога била уништена опремата.
Според обвинителката Ленче Ристоска, станува збор за два системи за следење на комуникации, од кои едниот бил исклучен од употреба во 2009 година, а другиот бил во употреба до неговото уништување. Опремата прво била однесена на уништување со преса, а подоцна истата била испратена и на дробилица, изјави тогаш Ристоска.