Достапни линкови

Одложувањето на мерката притвор - квази решение


Архивска фотографија: Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1
Архивска фотографија: Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1

Додека се чека спроведување на мерката притвор од 30 дена за поранешниот началник на петтата управа на УБК Горан Грујевски, за поранешниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и за службеникот во УБК, Никола Бошковски, на дневен ред во Апелациониот суд во Скопје се жалбите за обвинетите во предметите ТНТ, Топлик и Тендери.

Мерката притвор да се изврши ВЕДНАШ по правосилноста на решението е наведено во образложението на Апелациониот суд на одлуките за уважување на жалбите на Специјалното јавно обвинителство со кои им е одредена мерка притвор на поранешниот началник на петтата управа на УБК Горан Грујевски, на поранешниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и на службеникот во УБК, Никола Бошковски. Но, на дното на образложението е наведена правна поука според која против ова решение е дозволена жалба во рок од 24 часа преку овој суд до Врховниот суд.

Според поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, ваквото толкување на законот со кое се одложува мерката притвор поради рок за жалба е неиздржано и дека таквото толкување е квази образложение кое создава правен простор за маневар.

„Жалбата не го одложува извршувањето на мерката притвор. Таквото толкување што е наметнато во јавноста и во правните кругови е неиздржано и мислам дека тоа го наметна Врховниот суд. Нема никаква логика вие да одредувате мерка притвор поради влијание врз сведоци и таа мерка да се одложи додека не се реши жалбата. Постапката тука е јасна, решението за притвор е извршливо веднаш“, дециден е Илиев.

Според образложението на одлуката на Апелациониот суд, за обвинетиот Грујевски судот оценил дека постои можност за бегство и влијание врз сведоци.

„Од приложените материјални докази во списите на предметот постојат докази за влијание на обвинетиот врз сведоците. Па така, од увидот во нотесот – тетратка, која е одземена од обвинетиот, произлегува фактот дека обвинетиот водел евиденција за сите сведоци кои се повикани или ќе бидат повикани да дадат исказ во јавното обвинителство со назначување на прашањата што ќе им бидат поставени и содржината на одговорите кои треба да ги дадат овие сведоци, а што наоѓа поткрепа од исказите на двајца сведоци предложени во листата на докази. Во компјутерот кој му е одземен запишувал на кој начин треба да се однесуваат повиканите лица во јавното обвинителство, на кој начин да одбегнуваат да дадат исказ и на кој начин да дадат исказ за да заштитат свој колега“, е наведено во образложението.

Илиев објаснува дека сега процедурата налага Апелациониот суд да издаде налог да се спроведе решението за притвор.

„Се друго е квази право, квази примена и избегнување на она што самите одлучиле да го спроведат. Мислам дека тоа е недопустиво, за судската пракса такво нешто не постои. Тие дилеми сега ги наметнуваат за да можат некои работи да се пролонгираат“, вели тој.

Илиев посочува дека одлуката на Апелациониот суд за спроведување на мерка притвор е правосилна и веднаш извршлива, а не по новите измислици на овие судови „кои ја доведоа правната држава на ова дереџе“.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека ова е преседан, дека во досегашната правна пракса не било спроведено одложување на спроведување на мерка притвор.

Грујевски и натаму е вработен во УБК, иако според службените списи е на боледување, СЈО се сомнева дека директно и преку други влијае на сведоци, користел средства и ресурси од МВР за свои цели и дека прави опструкции на работата на СЈО.

Бошковски, пак и натаму е вработен во УБК и редовно се јавува на работа додека, Јакимовски и натаму кај себе ја има дипломатската патна исправа, која му беше оставена за да може да патува во Романија, каде што е генерален директор на Центарот СЕЛЕК.

Нивниот поранешен шеф Сашо Мијалков остана да се брани од слобода. СЈО за него бараше одредување на мерка притвор затоа што се сомневаат дека постои опасност од бегство, затоа што, според документите од Регистарот во Чешка, тој има стан таму и е управител на фирма.

Но, Апелациониот суд не се согласи со ставот на СЈО, затоа што, како што е наведено во образложението на одлуката, обвинетиот се појавил пред второстепениот суд и дал ветување за негово присуство во постапката, како и дека станува збор за околностите во поглед на семејните и материјалните прилики, обвинетиот има оформено потесно семејство и е татко на две деца.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG