Достапни линкови

Уште едно одложување на „Тврдина 2“


Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1 по денешното судење за Тврдина 2
Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1 по денешното судење за Тврдина 2

Рочиштето за случајот Тврдина 2 денеска е одложено, на барање на одбраната. Адвокатите Љупчо Шврговски и Миле Петрески пред судијката изјавија дека непосредно пред почетокот на судењето биле ангажирани и од тие причини побараа ова рочиште да се одложи.

Новиот адвокатски тим, кој ги брани дел од обвинетите во предметот на Специјалното јавно обвинителство Тврдина 2, побара одложување на рочиштето за да има доволно време да се запознае со овој предмет. На местото на таканаречениот специјален адвокат Никола Додевски застана неговиот колега, поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски. Тој пред медиумите изјави дека се уште не се запознал детално со обвинението, каде првообвинет е екс началникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и дека како одбрана ќе се појавува во предметите на СЈО во кои е обвинет поранешниот шеф на Управата за разузнавање и контраразузнавање Сашо Мијалков.

„Секаде каде што е Мијалков обвинет, во тие предмети ќе бидам одбрана, а за останатите, ако некој дополнително ме ангажира приватно“, одговори Шврговски на новинарското прашање дали ќе го замени Додевски во сите останати предмети како одбрана.

Шврговски најави дека ќе поднесе жалба на одредените мерки за претпазлиост за неговите клиенти Мијалков и Грујевски за предметите Таргет и Тврдина кои се споени во едно обвинение.

Од друга страна, пак, и обвинителката Ленче Ристоска најави дека во текот на оваа недела Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе жалби на одлуките на Судот, со кои нивните барања за притвор беа отфрлени и наместо тоа на обвинетите им беа одредени мерки за претпазливост, односно им беа одземени пасошите.

„Кон крајот на оваа недела, како што истекува правото на жалба, ќе бидат поднесени жалби против решенијата и навремено ќе ве известиме, вели Ристоска.

Таа кусо посочи дека образложенијата за одбивањето на мерките притвор се различни за секој обвинет и дека наскоро ќе го објават и тие детали.

За првите две обвиненија што Специјалното јавно обвинителство ги достави до судот, ова е четврто одложување на рочиште. Суштинска расправа досега немало ни за предметот за насилството и нарачаните „шамари“ во Центар, ниту за предметот Тврдина 2.

„Очекуваме дека конечно од септември натаму веќе ќе започне. Обвинетите имаат право на одбрана, со оглед на тоа што имаат нови адвокати не можеме да го негираме тоа право, имаат законско право и ние ќе го почитуваме тоа“, вели Ристоска.

Во случајот Тврдина 2, првообвинет е екс-началникот на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски и шест службенички од УБК. За денеска беше предвидено да бидат сослушани четворица сведоци предложени од СЈО од кои само двајца се појавија на рочиштето.

Претходно обвинетите во случајот се изјаснија како невини.

На минатото рочиште, судечката судијка Лидија Петровска ги прифати доказите на СЈО. Адвокатите на обвинетите реагираа на одлуката на Петровска, но таа ги одби со образложение дека кога ќе има пресуда, ќе можат да се жалат до повисоките судови. Тие се товарат за уништување на документација поврзана со скандалот со прислушувањето.

СЈО го обвинува Грујевски за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на 2014 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG