Достапни линкови

Независно судство не значи политички реваншизам


Ќе треба да се направи анализа на причините зошто и покрај добрата замисла и помошта на западните демократии судството не ги даде посакуваните резултати. Реформите ќе бидат бавни, велат познавачите.

Ќе биде долготрајно и тешко, но не и невозможно да создадеме независно судство кое ќе биде ослободено од влијанијата на извршната власт, велат поранешни судии според кои реформите во судството мора час поскоро да почнат. Според дел од стручната фела, овој процес треба да се одвива чекор по чекор и истиот не треба да се сфаќа како политички реваншизам.

„Идејата е да се почитуваат меѓународните стандарди коишто се прифатени и како национални во делот на прашањата за независност, непристрасност, професионалност во извршувањето на судиската функција. Почнувајќи од изборот и начинот на разрешување на оние кои не заслужуваат да ја вршат оваа функција. Интегритетот на луѓето кои ја извршуваат оваа функција е многу важен и ако тие немаат интегритет некои политички притисок да го тргнат, тие не заслужуваат ниту да бидат судии, вели Маргарита Цаца Николовска“, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур.

Реформите треба да се спроведуваат во пракса, сугерира поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски според кој искуството покажува дека едно се пишува во законите, а друго се спроведува во пракса. Според Ивановски, реформските зафати треба да се фокусираат на следниве методи:

„Еве на пример, преку основање на посебно одделение за предметите за СЈО, со влијание во самите судски тела кои го вршат изборот на судиите, преку влијание во кадровската политика. Да се изврши влијание врз Републичкиот судски совет и да се побара одговорност од толку многу судии кои се вовлечени во криминал во делот на прислушуваните разговори, тие судии самите треба да бидат предмет на кривична и на политичка одговорност“, вели Ивановски.

Реформи треба да има и во законодавството, како во делот на условите така и во делот на изборот на судиите во основните судови врзани за Академијата на судии и јавни обвинители, вели Николовска.

„Ние тука во суштина немаме избор, туку листа која ја презентира Академијата и од таа листа Судскиот совет не може да бега. Од друга страна, пак, тренинзите што се спроведуваат во Академијата не даваат можност за специјализираност на кандидатите во поединечни области“, вели Николовска.

Новата влада ќе треба да направи целосна анализа на причините поради кои и покрај добрата замисла со помош на западните демократии судството не ги даде саканите резултати, да се видат вистинските состојби и да се предложат начини за нивно совладување.

„Тука мислам и на промена на законите, уште повеќе и на реформи во Судскиот совет кој може да биде пооперативен и помалуброен, да биде составен од половина професионалци, половина ад хок членови итн. Има различни начини коишто можат да придонесат судството да биде независно, да не е во скутот на власта и да не е со партиска карта“, заклучува Ивановски.

Во неодамнешното интервју за нашето радио, лидерот на СДСМ Зоран Заев најави реорганизација на судскиот систем, односно целосно распуштање на судството и негов реизбор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG