Достапни линкови

Нема приближување до ЕУ без СЈО и без независно судство


Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со тројцата европратеници Иво Вајгел, Ричар Ховит и Едвард Кукан
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со тројцата европратеници Иво Вајгел, Ричар Ховит и Едвард Кукан

Во предлог-резолуцијата за Македонија се наведува дека Европскиот парламент е загрижен за нападите и опструкцијата против работата на СЈО и недостатокот на соработка од други институции.

На неколку дена пред дискусијата во Брисел за предлог-­резолуцијата за Македонија во однос на извештајот за напредокот за 2016 година, почнаа да стигаат пораки за загриженост поради назадување на реформите во судството и нападите врз СЈО при што главната забелешка се однесува на политичкото мешање во судството.

Во извештајот на известувачот за Македонија, Иво Вајгел, неговиот предлог е Европскиот парламент да изрази жалење за назадување во реформите во судството и го осудува повторливото политичко мешање во неговата работа, вклучително и во назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите.

Коментирајќи ги заклучоците на Вајгел, експертите ја потенцираат присутноста на големи притисоци во одредени предмети, додавајќи дека логична е перцепцијата што доаѓа однадвор дека судството не е независно.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека за жал Македонија сè уште не се ослободи од перцепцијата за непостоење на независно судство.

„Пораката е многу јасна, продолжете да работите таму каде што воопшто не сте ни почнале да работите во делот на овозможување на работа на СЈО без да ставате сопки и од друга страна работете на прашањето на обезбедување на независност во судството“, изјави Маргарита Цаца Николовска.

Таа наведува дека во последните десетина години не само што има носење судски одлуки откако ќе се донесе политичка одлука туку оти судиите и без да им се јават носат партиски одлуки. Според неа, независноста на судството од 2008 е сè подолу и граѓаните се понезадоволни.

Во врска со Специјалното јавно обвинителство, Вајгел предлага во Резолуцијата за Македонија да се забележи дека „истото покрена први кривични обвиненија во врска со малверзации кои произлегуваат од прислушувањето“, но и дека „ЕП е загрижен за нападите и опструкцијата против работата на обвинителството и недостатокот на соработка од други институции“.

Андреја Стојковски од Младинскиот образовен форум вели дека во резолуцијата во кој се зборува за спроведувањето на изборите и исполнувањето на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, главниот дел е судството. Забележително е дека е посветено многу поголем дел на судството и на обезбедување на итната работа на СЈО на сметка на сите другите делови, вели Стојковски.

„Веројатно така ќе биде исходот од дебатата во Европскиот парламент, дека без продолжување на работата на СЈО и без ослободување на судството, Македонија не може да се надева натаму на интегрирање во ЕУ или пак поблиска соработка со ЕУ“, изјави Стојковски.

Предлог заклучоците треба да бидат разгледувани на 30 јануари.

Тој вели дека ова не е загриженост само на евро пратеникот Вајгел, туку оти ова ќе биде став на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент и подоцна став на Европскиот парламент.

„Во најголем дел оваа резолуција ќе остане ваква каква е што е. И ваквата загриженост на ЕУ само потсетува на моментот во кој се наоѓаме“, вели Стојковски.

Тој наведува дека сета загриженоста на ЕУ е поради ненадминување на кризата и непосветеноста на реформскиот процес и имплементацијата на договорот од Пржино по завршувањето на изборите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG