Достапни линкови

Груевски и Ахмети уште не го кажале конечниот збор


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети

Двете партии ако сакаат да формираат влада до 29 месецов, кога истекува уставниот рок за мандатарот Груевски, ќе мора да попуштат од своите првични позиции, оценуваат аналитичарите. Но тие се децидни дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прави отстапки за СЈО.

Официјалните информации од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ за текот на преговорите остануваат скудни. На прашањата до каде се разговорите за формирање на владино мнозинство и дали се точни информациите за приближување на ставовите за употреба на јазиците и од двете партии одговараат слично. Нема ништо ново, кратко одговара Артан Груби, шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски, пак, вели дека кога ќе имало нови моменти ќе ја информирале јавноста.

Двете партии ако сакаат да формираат влада до 29 месецов, кога истекува уставниот рок за мандатарот Груевски, ќе мора да попуштат од своите првични позиции, оценуваат аналитичарите.

Според Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, извесно е само дека ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од ставот дека на Специјалното јавно обвинителство нема да му се продолжи мандатот.

„Тие воопшто нема ни да дозволат да се стави на маса да се разговара за СЈО, тоа е нивни став и тие од се друго би можеле да отстапат, но не и од тоа. Од друга страна ДУИ би можела и од двете да отстапи, или барем привремено да ги остави на страна ако навистина сака да се договори со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Дујовски.

Според соопштенијата од двете страни, објавени пред десетина дена, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ главно имаат несогласувања за две прашања. Рамноправна употреба на службениот албански јазик и продолжување на мандатот на СЈО, како што соопшти ДУИ, се целите кои како услови не можат да бидат предмет на преговарање. Нема да преговараме и нема да дозволиме промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО, реплицираше набрзо ВМРО-ДПМНЕ.

Како што се поставени работите тешко ќе се формира влада, бидејќи позициите се дијаметрално спротивставени, смета професорот Осман Кадриу од Факултетот за општествени науки.

„Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати без одредена модификација, а од друга страна и ДУИ нема да има овластување, дотолку повеќе што овие прашања произлегуваат и од заедничката платформа на политичките партии на Албанците и тие немаат овластување од другите потписници да прават модификации“, вели Кадриу.

Пред почетокот на преговорите ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса потпишаа заедничка платформа, која како што рекоа, ќе му биде ставена на маса на новиот мандатар за состав на владата, но не се знае на што од тие точки инсистира сега Ахмети.

Сигнали за формирање на старо-новата владина коалиција, според аналитичарите можеа да се препознаат и во изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на портпаролот на ДУИ Бујар Османи. Груевски во интервју за косовскиот весник Газета експрес рече дека во преговорите ќе се настојува да се направи влада со ДУИ врз основа на принципи за фер односи во добро и во лошо, а Османи нагласи дека важно е да се почитува мајскиот договор, односно принципот за коалицирање на победничките партии од двата блока.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG