Достапни линкови

Отворени сите опции за новата влада


Архивска фотографија - Груевски и Ахмети на отворање на училиште во Скопје, 2013.
Архивска фотографија - Груевски и Ахмети на отворање на училиште во Скопје, 2013.

И од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ не отстапуваат од своите ставови, иако преговорите за формирање на влада меѓу двете партии започнаа. Дали со тоа се отвара патот за СДСМ, особено откако лидерот на ДУИ имаше средба и со лидерот на опозициската партија.

Сите опции за новата влада се отворени, откако започнаа преговорите меѓу партиите за нејзиното формирање, велат експертите. Иако лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети се сретнаа и најавија дека продолжуваат со преговорите, од двете партии соопштија и дека не отстапуваат од своите ставови. ДУИ нема да прифати да биде дел од новата влада доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги исполни сите предуслови на партијата, пред сè воведување на двојазичност и продолжување на мандатот на СЈО. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторија дека тоа за нив не е прифатливо.

„Нашите позиции, како што кажавме, по тие прашања остануваат непроменети“, порача Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ по средбата.

Синоќа повторно седница имаше и Извршниот комитет на владејачката партија, на која, како што посочија, се разгледувала актуелната политичка состојба во однос на преговорите, при што била реафирмирана поддршката за Груевски да продолжи со активностите во таа насока.

По разговорите со Груевски, Ахмети се сретна и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев при што и двете партии излегоа со идентични соопштенија дека се разговарало за позициите кои ги застапуваат без навлегување во одредени конкретни прашања и најавија дека средбите ќе продолжат.

На прашањето дали средбата значи дека ДУИ е отворена за коалиција со СДСМ, од опозициската партија велат засега остануваат на она што веќе е познато во јавноста. Од ДУИ, пак, молчат.

Ахмети пред неколку дена се сретна и со германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, по што партијата соопшти дека ја информирал за опциите за кои во ДУИ се развива отворена и конструктивна дебата, а кои вклучуваат коалиција со ВМРО, со СДСМ, широка владина коалиција, да останат во опозиција и повторување на изборите.

Професорот Никола Дујовски од Универзитетот Свети Климент Охридски, вели дека е легитимно ДУИ да преговара со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, меѓутоа самите ќе проценат што во блиска иднина ќе води повеќе во нивна корист.

„Математички ДУИ може да формираат влада само со ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа ќе бидат особено внимателни, затоа што на краток рок може да добијат од таа коалиција, но потоа сериозно да загубат. Од друга страна разговорите кои се водат со СДСМ укажуваат на тоа дека е многу можно и веројатно да ни се случи поинакво парламентарно мнозинство. Кога седнувате на маса, седнувате за да се договорите, а не да бегате од договарање. Мислам дека довербата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е прилично намалена и затоа нивните преговори би ги свел во една потесна рамка“, смета Дујовски.

Крајниот рок за ВМРО ДПМНЕ да формира влада е 29 јануари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG