Достапни линкови

ДУИ бара изговор за да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети

ДУИ по синоќешната седница на Централното претседателство ги соопшти условите од кои нема да отстапи во преговорите за формирање на нова влада. За експертите токму условот за продолжувањето на мандатот на СЈО е поставен со цел да не биде прифатен од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да не формира влада со ДУИ.

Клучна препрека во преговорите за нова влада ќе биде барањето на ДУИ за продолжување на мандатот на СЈО, велат аналитичарите, бидејќи тоа не би било прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ и претставува алиби на партијата од албанскиот блок со цел да не успеат преговорите. Од ДУИ посочија дека барањето е со цел да се расветлат сите сомнежи кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето.

Останатите барања кои беа утврдени на синоќешната седница на Централното претседателство на партијата од кои нема да отстапат во преговорите се однесуваат на рамноправна употреба на албанскиот јазик и интеграцијата во ЕУ и НАТО. Од ДУИ посочија и дека немаат префериран партнер во македонскиот политички блок.

„ДУИ интересот за одржување на стабилност на државата го става над партиските интереси и калкулации“, е наведено во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето како ги оценуваат условите на ДУИ велат дека најверојатно за нив ќе се произнесат во текот на денот.

„Секако тоа ќе биде врз основа на соопштенијата и заклучоците од состаноците на коалициските партнери и од заклучоците на Извршниот и Централниот комитет како највисоки партиски тела“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека очигледно е оти ДУИ нема да се води исклучиво по принципот победниот кај македонскиот блок да формира влада со партијата победник од албанскиот. ДУИ, според него, е делегитимирана партија, бидејќи на изборите загубила многу гласови и токму поради таквиот резултат не смее да си дозволи да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на наредните избори ќе заврши како ДПА.

„СЈО е поставено како главен услов токму по изјавата на Груевски дека нема да преговара веќе за продолжување на мандатот на институцијата. Ова ми изгледа како обид да се најде алиби или да се изгради пречка пред можната коалиција, така што ДУИ да се извлече од тој принцип кој самата партија го постави на победник со победник со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја одбие оваа точка значи продолжување на рокот на СЈО и со тоа ќе нема коалиција меѓу двете партии“, смета Незири.

Само ДУИ од партиите од албанскиот блок изрази подготвеност да разговара со ВМРО-ДПМНЕ, која го има мандатот за формирањето на нова влада, а рокот истекува на крајот од месецов. БЕСА и Алијансата за Албанците ја отфрлија таквата можност, а од ДПА не излегоа со став по прашањето.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG