Достапни линкови

Мандатарот Груевски во тесно


Архивска фотографија - Седница на Собранието на Македонија за избор на нова Влада. Експозе на премиерот Никола Груевски, 2014.
Архивска фотографија - Седница на Собранието на Македонија за избор на нова Влада. Експозе на премиерот Никола Груевски, 2014.

Беса и Алијанса за Албанците најавија дека нема да преговараат со мандатарот, а единствено од ДУИ велат дека ќе разговараат. Експертите оценуваат дека Груевски има тесен простор за маневар при формирањето на владата.

Мал маневарски простор му останува на мандатарот Никола Груевски за составување на нова влада, оценуваат дел аналитичари. Единствените кои засега се изјаснија дека ќе влезат во комуникација со ВМРО-ДПМНЕ се ДУИ. Портпаролот на партијата Бујар Османи вели дека се уште не почнале преговори, а на прашањето дали ќе ја прифатат покана одговара кратко - ќе разговараме. Двете други страни, потписници на платформата, Алијансата за Албанците и Беса веднаш се изјаснија дека нема да преговараат со Груевски.

Според Беким Кадриу, професор на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, Груевски нема голема можност да формирање на влада и покрај тоа што би почнале преговори со ДУИ со кои заедно имаат 61 пратеник, точно колку за мнозинство. Кадриу смета дека Ахмети ќе инсистира на точките од заедничката платформа со Алијансата за Албанците и Беса и на крај преговорите нема да бидат успешни.

„Меѓутоа мислам дека точките од платформата не се суштинска причина поради која нема да одат со Груевски овој пат во составувањето на влада. Мислам дека тие имаат притисок од една страна од самите граѓани кои го кажаа својот став за политиките на Груевски и второ и во самата партија на Ахмети не е се така мирно како што изгледа од надвор“, вели Кадриу.

Тесниот простор за формирање владa го приморува мандатарот да смета буквално на секој пратеник, бидејќи сите се важни за тенкото мнозинство, оценуваат упатените.

Професор Никола Дујовски од Универзитетот Свети Климент Охридски не ја отфрла можноста Ахмети и Груевски да се договорат за влада, но посочува на можна опција не сите пратеници од ДУИ да ја поддржат новата влада. Во таков случај, можно е,оценува тој во мнозинството да се приклучат и двајцата пратеници од ДПА, која засега е молчелива за можните комбинации.

„Ќе биде многу неизвесно, многу тешко. Груевски сега има карта во својот ракав и може да ја искористи бидејќи видовме и во изминативе две години дека тој ќе направи се за да остане на власт. Ако не се случи нешто што ќе ги принуди ДУИ да одат на преговори со СДСМ, сигурно Груевски и Ахмети ќе формираат влада“, вели Дујовски.

Од вчера почна да тече 20 дневниот уставен рок до кој мандатарот треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Ако во тој период Груевски не успее да формира мнозинство, дел уставни експерти посочуваат дека мандатот треба да му се даде на претседателот на СДСМ Зоран Заев, чија партија освои 49 пратеници. Во тој случај партиите на Албанците треба да седнат на разговори со опозицијата, која засега не се изјаснува за платформата со која излегоа ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците. Оценките се дека потешко може да оди преговарањето на СДСМ со досегашниот владин партнер на Груевски, Ахмети, бидејќи и нивни функционери беа опфатени во опозициските бомби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG