Достапни линкови

Груевски мандатар, Беса и Алијансата нема да соработуваат со него


Иванов му го даде мандатот на Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:35 0:00

Иванов му го даде мандатот на Груевски.

Груевски има 20 дена да му поднесе на Собранието програма и предлог состав на новата влада. Алијансата за Албанците и Беса тврдат дека нема да соработуваат со Груевски.

Претседателот Ѓорге Иванов попладнето во вилата Водно му го врачи мандатот за состав на Владата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, чија партија освои најголем број мандати на предвремените парламентарни избори во декември, минатата година.

Доделувањето на мандатот се случи на последниот ден од рокот според Уставот, а мандатот на Груевски му беше врачен со половина час задоцнување. Груевски има рок од 20 дена да му поднесе на Собранието програма и предлог состав на новата влада. Новата влада на предлог на мандатарот Собранието треба да ја избере со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, треба да биде избрана во Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, најдоцна на 29 јануари.

Ако во тој период мандатарот не успее да состави влада, односно да собере 61 потпис дека има мнозинство да формира влада тогаш се повторува целата постапка со друг мандатар.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во интервју за Дневник деновиве изјави дека ќе се обиде да формира Влада, но не по секоја цена. Тој не одговори директно на прашањето дали за неговата партија се прифатливи барањата на трите албански партии кои ги испорачаа во меѓувреме. Груевски го коментираше само делот со двојазичноста, истакнувајќи дека дека верува оти ДУИ се свесни дека, како што вели, плат­фор­ма­та ко­ја им ја сос­та­ву­ваа, по­ли­тич­ки мо­же да му по­мог­не нај­мно­гу на СДСМ кај ал­бан­ски­от елек­то­рат.

Инаку, Груевски во интервјуто испрати порака до досегашниот коалиционен партнер ДУИ дека ако коалицира со втората наместо со првата партија, која победила на изборите, наскоро ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандати по ред. Тој исто така изјави дека ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе биде без било какви обврски при составувањето на владата

Трите албански партии вчера објавија заедничка платформа со седум точки со која меѓу другото се залагаат за измена на Уставот во кој треба да се наведе дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.

Денеска две од страните кои ја потпишаа платформата на Албанците, Алијанста за Албанcите и Беса веднаш по доделувањето нa мандатот за состав на новата влада нa претседaтелот на ВМРО-ДПМНE, Никола Груевски, најавија дека нема да сoрaботуваат со него.

Зекирија Ибраими потпреседател на Беса, истакнува дека неколку пати кажале дека нема да одговараат на ниту една покана од Никола Груевски за каква било комбинација за формирањето на новата влада. На прашање дали ќе коалицираат ако се прифатат нивните барања од Беса се децидни дека не станува збор за какви било услови.

„Уште од старт не можеме да зборуваме за исполнување на какви било услови затоа што ние јасно истакнавме дека во идната влада не треба да не бидат опфатени лица кои што се предмет на истрага на СЈО, каде што по се изгледа Груевски е клучниот човек“, изјави Ибраими.

Арбен Таравари секретар на Движењето за реформи-ДПА, вели дека се изненадени од денешното доделување на мандатот бидејќи како што додава во Уставот се наведува дека мандатот се доделува на тој што успеал да обезбеди 61 пратеник односно мнозинство.

„Но како и да е, ние Албанците, веќе го имаме унифицирано нашиот став преку заедничката платформа. Ние како Алијанса за Албанците апсолутно не сакаме да слушнеме за соработка со лицето Никола Груевски кој водеше една шовинистичка кампања во текот на предизборието“, изјави Таривари.

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич како што пренесува МИА изјави дека ЕУ одблиску ја следи ситуацијата во Македонија и очекува брзо формирање нова влада. Таа го повтори ставот на ЕУ даден по изборите на 11 декември дека ЕУ очекува во рамки на уставните рокови да се формира нова стабилна влада, но и дека сакаат да видат итна имплементација на реформите.

„Решавање на прашањата за системското владеење на правото, исто и преку итните реформски приоритети и преку продолжена имплементација на претходните политички договори. Во овој контекст, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме земјата на нејзиниот европски интеграциски процес. Тоа е се што можам да кажам во моментов“, рече Коцијанчич.

Деветтиот македонски парламентарен состав, кој има 120 народни избраници, се конституираше на 30 декември минатата година. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG