Достапни линкови

Изборите завршија, кој ќе биде мандатар?


Архивска фотографија: Собраниска седница
Архивска фотографија: Собраниска седница

Согласно изборните рокови, најдоцна 20 дена по изборите треба да се одржи конститутивна седница за избор на новиот состав на собранието.

Со соопштување на резултатите од прегласувањето во Теарце од денеска повторно се актуелизираат изборните рокови. Партиите имаат право на приговори до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавувањето на првичните резултати. Таа е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Партиите против одлуката на ДИК може да поднесат и тужба и до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а судот по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа од нејзиниот прием.

Согласно изборните рокови, најдоцна 20 дена по изборите треба да се одржи конститутивна седница за избор на новиот состав на собранието. Претседателот Ѓорге Иванов треба да му го даде мандатот за формирање влада на кандидатот на партијата(мандаторот) кој може да обезбеди мнозинство. Професор Светомир Шкариќ објаснува дека во конкретниот случај кога ниту една партија нема мнозинство пратеници, претседателот Иванов треба да води сметка за тоа која партија може да формира парламентарно мнозинство.

„Може да се случи оваа партија која има 51 пратеник, да не може во преговорите да формира коалиција и да обезбеди мнозинство. И обратно, може да се случи некоја помала партија, не мора тоа да биде СДСМ, може и некоја друга помала партија да може преку разговори со партиите, врз основа на програма, размена на искуства, да формира мнозинство во собранието и таа коалиција од партии да го добие мандатот“, изјави Шкариќ.

По добивањето на мандатот, мандаторот има рок од дваесет дена да состави влада. Доколку тој не успее да формира парламентарно мнозинство, мандатот се враќа, па течат нови дваесет дена во кои мандатот се дава на другата партија и сега таа има рок да состави влада односно да обезбеди мнозинство. Но, сето ова не втурнува во една игра во недоглед, а земјата ќе се соочи со ризик да изгуби доста време во давање и враќање мандати, објаснува професор Шкариќ.

„Ако пак претседателот заземе став претходно да изврши консултации со лидери на партиите што имаат пратеници во собранието и ако некој му понуди можност да има парламентарно мнозинство, нему треба да му го даде мандатот. Ако нема таква можност, тогаш тој ќе констатира дека никој не може да формира парламентарно мнозинство и затоа ќе констатира: јас не можам да го дадам мандатот“, вели Шкариќ.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во случај никој да не може да формира влада, решението се нови избори, а до нив останува да функционира досегашната влада, додава Шкариќ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG