Во недела, на 25 декември, жителите на Теарце ќе имаат уште една можност да го изразат своето право на глас. Од ДИК соопштуваат дека гласачкото ливче останува исто, односно кандидатските листи се потврдени и остануваат непроменети од гласањето на 11 декември. Оттаму додаваат дека сè е подготвено за денот на изборите и оти сите што добиле акредитација за следење на гласањето во Теарце можат да го набљудуваат. Партијата ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на прегласувањето. Од вечер на полноќ до недела до 19 часот е изборен молк. За време на молкот, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Во меѓувреме домашните невладини организации се веќе на терен и будно ги следат активностите на партиите. Невладината Цивил, денеска постави два информативни штандови во Теарце со цел да ги информира жителите за нивното гласачко право, а оттаму додаваат дека на терен постојано работат набљудувачи и секојдневно поднесуваат извештаи.
„Нашето набљудување е мобилно. Ќе имаме засилено набљудување на целиот терен. Исто така на ниво на целата држава постизборното набљудување на Цивил е активно и ги следиме партиските активности во овој транзиционен период во сите општини во земјава“, изјави Џабир Дерала од Цивил.
И од граѓанската асоцијација МОСТ потврдуваат дека ќе имаат свои набљудувачи кои ќе го следат изборниот процес на гласачкото место 2011 во Теарце, а ќе имаат и мобилни тимови.
Од прегласувањето во гласачкото место зависи која партија ќе има повеќе мандати, а со тоа и можност да формира влада. Ова прегласување ќе одлучи дали СДСМ може да добие еден мандат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ или, пак соодносот на силите ќе остане 51-49 во корист на владејачката партија. Ако СДСМ освои уште еден мандат со помош на гласовите во Теарце, силите ќе бидат изедначени, односно двете партии ќе имаат по 50 мандати. Во тој случај претседателот на државата треба да одлучи кому ќе му го даде мандатот за формирање на нова Влада.
Инаку на гласачкото место 2011 во Теарце има вкупно 714 гласачи. Од нив на 11 декември гласале 404 лица - за ВМРО-ДПМНЕ 91, за СДСМ 87, за Беса 65, за ДПА 64, за ДУИ 53, за Алијанса за Албанците 25, а по еден глас добиле и КПК-Трет блок и ВМРО за Македонија. Вкупниот број на неважечки ливчиња изнесувал 17. И разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во целата изборна единица шест е мала, односно изнесува 307 гласа.
Прегласувањето доаѓа како резултат на прифаќањето на тужбата на СДСМ од страна на Управниот суд на Република Македонија за поништување на гласањето на гласачкото место 2011 во Теарце и тужбата на ВМРО-ДПМНЕ против одлуката на ДИК да се поништи гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар.