Достапни линкови

Климава влада, нарушена безбедност или нови избори?


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Комбинирана фотографија
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Комбинирана фотографија

Додека се чека одлуката на Управниот суд, аналитичарите велат дека сите варијанти се отворени, од слаба влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, до опасна игра со непризнавање на резултати, како што најави Груевски, која би можела да доведе до нарушена стабилност.

Наместо решавање на кризата со избори, заплетканоста што ја донесоа резултатите, а и реакцијата и прогласот на ВМРО-ДПМНЕ отвораат неколку варијанти за можна разврска, но сите се крајно неизвесни. Ситуацијата би можело да стане малку појасна по одлуките на Управниот суд за тужбите што ги поднесоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одлуките на ДИК, вели Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски.

„Формирањето на влада од која било политичка партија, дали од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ, ќе биде многу неизвесно. Таквата влада, без разлика кој ќе ја формира, исто така ќе биде многу слаба и ќе се држи на кревко мнозинство. Тоа нема да се преслика само на денот на формирањето на нова влада, туку ќе се преслика и понатаму во работата и на владата и на собранието“, вели Дујовски.

Одлуките на Управниот суд, според роковите, се очекува да бидат познати до утревечер. Ако нема прегласување, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ може да прават влада. Таа, според освоениот број пратеници, би имала точно колку што е потребно за мнозинство, односно 61 пратеник. Но, во медиумите веќе има гласини дека дел од пратениците на ДУИ биле против коалиција со партијата на Груевски, па аналитичарите прогнозираат дека во таков случај ќе расте цената на помалите партии и на самите пратеници, па ќе се зголемат внатрешните апетити на поединци.

Протест на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК на 17 декември 2016
Протест на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК на 17 декември 2016

Таква влада може многу лесно да падне, прогнозира аналитичарот Џељаљ Незири, кој смета дека во тој случај би се одело повторно на парламентарни избори, заедно со локалните.

„Тоа ќе значи дека ќе имаме многу нестабилна влада која нема да може да ги спроведе потребните реформи, која ќе биде под жесток удар на сега веќе силната опозиција. Не верувам дека таква една влада со 61 пратеник би можела да функционира“, вели Незири.

Во случај на непроменет број добиени мандати, постои можност и Груевски да не може да формира влада поради евентуално одбивање на Ахмети да влезе во владината коалиција. Во тој случај, ако за 20 дена од кога претседателот на државата ќе му го додели мандатот Груевски тој не успее да формира влада, тогаш мандатот треба да биде даден на втората партија според резултатите, односно на СДСМ. Заев тогаш треба да се обиде да коалицира и со ДУИ, но и со уште една партија на Албанците за да има мнозинство од 61 пратеник.

Другото сценарио е Управниот суд да ја потврди одлуката за прегласување или да уважи некоја од жалбите на СДСМ па да има прегласување. На него, според прогласот од ВМРО-ДПМНЕ, тие нема да учествуваат, нема да ги признаат резултатите од тоа прегласување, нема да дозволат Заев да формира Влада и нема да дозволат функционирање на институции.

„Непризнавањето на резултатите и институциите што би произлегле од изборите од ВМРО-ДПМНЕ значи влегување во нов круг на опасна игра која би можела да резултира и со конфликти, интраетнички или меѓуетнички, кои би можеле да бидат многу опасни за Македонија“, вели Незири.

Аналитичарите ја отвораат и варијантата во идната влада покрај ДУИ да влезат уште некои помали партии на Албанците, споменувајќи ја пред се ДПА, но и во тој случај мнозинството би имало 63 пратеници и не обезбедува многу поголема стабилност. Можно е и сценариото за широка коалиција, но мислењата се поделени колку е тоа остварливо во овој момент во Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG