Американскиот амбасадор Џес Бејли на вчерашната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други партиски претставници се интересирал за неколку прашања, соопштија доцна синоќа од партијата. Во соопштението се наведува дека на прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ било одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори.
“На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат” се вели во соопштението од партијата.
На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, беше одговорено дека не може да помогне пред се поради тоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа. На средбата станало збор и како што пишуваат за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК.
“Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот, се вели во соопштението” пишуваат во соопштението.
Амбасадорот Бејли, како што наведува ВМРО-ДПМНЕ потенцирал дека САД се пријатели на Република Македонија иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став. На тоа од партијата му одговориле дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа не значи дека некои поединци, партијата или државата не можат да изразат некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД.
Груевски вчера заедно со партиските функционери Владимир Ѓорчев, Александар Николоски, Никола Тодоров и Никола Попоски имаше средба и со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, соопшти партиската прес-служба.
На состанокот, амбасадорот на Европската Унија Жбогар покрај честитката за успешно спроведените избори, пренел дека Брисел цени дека изборите биле слободни и фер, имало голема излезност и дека иако имало многу негативни претпоставки во однос на изборите и изборниот ден, сепак имаше мирна кампања и мирен изборен ден. Амбасадорот додаде дека Брисел повикува на лидерство со цел протестите пред ДИК да не излезат од контрола и изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демострациите. Нагласи и дека ЕУ не се меша во работата на ДИК.
Како што се наведува во соопштението ВМРО-ДПМНЕ била повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои биле преземани при протестите што се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на претседателот на државата, кршење и уништување на државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата, и редица други слични постапки, пишуваат од партијата.
" ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека поддржува мирни демонстрации и не поддржува говор на омрза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите. ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека европската агенда треба да е приоритет на новиот Парламент и на новата влада" се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
И пред евроамбасадорот ВМРО-ДПМНЕ изразила разочараност од некои одлуки на ДИК со кој, како што пишува, се обидува да се изврши постизборен инжињеринг.
Амабасадорот, пишува во партиското соопштение, потенцирал дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбира конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд доколку има жалба на одлуките на ДИК.
На крајот на средбата амбасадорот уште еднаш посочи дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, на што беше одговорено дека неможе да се предвиде што ќе се случи, бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки неможе да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претставици на партијата вчера се сретнале и со норвешкиот амбасадор, Арне Санес Бјорнстад.
На средбата со амбасадорот на Норвешка,ВМРО-ДПМНЕ го осудила обидот на партиите кои ги загубија изборите и нивните подржувачи, преку поголем број жалби да издејствуваат незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на вољата на граѓаните.