Достапни линкови

Партиски превирања и задкулисни преговори за нова влада


Архивска фотографија - Претседателот на ДПА Мендух Тачи на лидерска средба со потписниците на Договорот од Пржино.
Архивска фотографија - Претседателот на ДПА Мендух Тачи на лидерска средба со потписниците на Договорот од Пржино.

Тачи најави оставка од лидерската позиција на ДПА, а Заев и Села заминуваат од градоначалничките места. Зад сцената меѓу политичките актери веќе течат разговори за идната влада, велат познавачите, но не веруваат дека некој ќе ја следи постапката на Тачи.

Оставката на функцијата претседател на Демократската партија на Албанците(ДПА), која Мендух Тачи вчера ја соопшти преку неговата Фејсбук страница, според дел од експертите се должи на лошите изборни резултати, додека заминувањето на претседателот на СДСМ Зоран Заев од градоначалничката на друга функција и најавата на Зијадин Села дека и тој повеќе нема да биде градоначалник на Струга, зборува дека зад сцената меѓу политичките актери веќе течат разговори за идната влада.

Аналитичарот Рамадан Рамадани вели дека Тачи толку многу загубил и веќе немал изговор да остане да раководи со партијата.

„Оставката на Тачи е очекувана зарaди дебаклот на овие избори и пред сè заради тоа што изгуби од фракцијата што се формираше од неговата партија, партијата предводена од струшкиот градоначалник Села. Овојпат немаше никаква основа Тачи да остане да претседателствува со ДПА“, изјави Рамадани.

ДПА на изборите на 11 декември освои два мандати, за разлика од седумте пратенички места што ги имаше досега, а партијата на поранешниот сопартиец на Тачи, Зијадин Села кој основаше нова партија, Движење за реформи-ДПА, како дел од Алијансата за Албанците освои три пратеници.

Рамадани се сомнева дека оставката на Тачи ќе иницира понесување одговорност и во други партиите кои освоија значително помал број гласови на овие избори

„ДУИ е подружница на ВМРО-ДПМНЕ и како таква функционира и таму не може да очекуваме политичка логика“, вели Рамадани.

Инаку на вчерашната седница на Советот на општина Струмица и Зоран Заев најави дека се повлекува од функцијата градоначалник „поради заминување на друга функција“. Тој најави дека за заменик го именува советникот Костадин Костадинов, кој ќе ја извршува работата до поставувањето на вршител на должност градоначалник на Општина Струмица до изборите.

Во овој потег на Заев, аналитичарот Сашо Клековски гледа радвижување на политичката сцена во функција на формирање на идната влада.

„Покрај тоа што се чека исходот на изборите во недела во Теарце, веројатно веќе меѓу политичките актери течат разговори и преговори за идната влада и можеби ова е одраз на тоа како течат тие разговори. Она што е јавно достапно не укажува на причините за оставките, освен оставката на Тачи која веројатно се должи на лошите изборни резултати“, изјави Клековски.

Тој не верува дека по оставката на Тачи ќе има и други лидерски оставки.

„Кај нас нема јасно воспоставена пракса за поднесување на одговорност за неуспехот на изборите. Ретки се примерите кога лидерите без одолговлекување давале оставка, бидејќи партиите не дефинираат јасно што е за нив успех, а што неуспех“, изјави Клековски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG