Достапни линкови

За политичарите изборите се да се биде или не


Избори 2016 - Митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија во Центар. 05.12.2016
Избори 2016 - Митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија во Центар. 05.12.2016

Да се биде или не !, е прашањето кое го наметнаа политичаите во оваа изборна кампања. Дуелите во втората и четвртата изборна единица ја вжештуваат и прават се понеизвесна трката за нов пратенички состав, покажуваат анализите во весниците.

На два дена пред 11 декември, „Кампањата ја засили неизвесноста“, насловува Утрински и додава дека „посебно возбудливи стануваат дуелите во втората и во четвртата изборна единица, каде што се соочуваат највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Во шестата изборна единица, каде што најголеми општини се Тетово и Гостивар, најголемата битка ќе се води меѓу лидерите на водечките партии од албанскиот блок, Али Ахмети од ДУИ наспроти Мендух Тачи и Биљаљ Касами, чии партии ДПА и Беса, како да се во мртва трка за второто место во албанскиот политички камп“.

Нова Македонија анализира „Како изборите станаа да се биде или не“ и на аналитичарите им го поставила прашањето од каде доаѓа потребата речиси секои избори да се поврзуваат со опстанокот на државата и зошто тоа се доведува во тесна корелација со некоја политичка структура. Според оценката на консултираните политички аналитичари, „изборите на 11 декември ќе бидат значајни за решение на политичката криза, но не и нешто повеќе за кое се зборува на митинзите“.

Избори 2016 - Митинг на СДСМ во Дебар. 05.12.2016
Избори 2016 - Митинг на СДСМ во Дебар. 05.12.2016

Вечер е полн со цитати од кажаното на Груевски и другите негови функционери на митинзите, а за активностите на ривалската опозициона СДСМ пишува дека „опозициската коалиција предводена од СДСМ ширум Македонија доживеа низа дебакли“, па покрај другите, се чита и овој наслов: „Нова стратегија на СДСМ – Веќе нема да си држат митинзи сами на себе“, поткрепено со фотографија од мал број граѓани за митингот во Градско. Вечер го пренесува и текстот од Дневник кој носи наслов: „За Заев ’Монструм‘ пак е фингиран и на 4 дена пред избори“, со своја додавка: „Очајни изјави на Заев во битката за гласови“.

И Слободен печат ги цитира зборовите на Заев кажани на еден митинг, но со друга конотација: дека е „потребно да се дознае вистината за загинувањето на Младенов, за убиството на Нешкоски, за убиените покрај Смилковско езеро и да има одговорност за тоа“.

Дневник го интересира кога ќе се повлечат лидерите на политичките партии, но само Заев, Ахмети и Тачи: „Партиските лидери лесно ветуваат, но тешко заминуваат од политичката сцена – Заев ќе си оди од политиката ако ги изгуби изборите, Ахмети заминувањето го условува со денот кога Македонија ќе стане членка на НАТО, Тачи ќе се повлече кога ќе изгуби од чисто албански гласови“, наведува Дневник.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG