Достапни линкови

Битолчани ќе почекаат за обновени стадион и кино


Во развојниот план за Битоал за следните две години ги нема најголемите проекти, туку има имагинарни, велат од битолската опозиција. Од власта одговараат дека планот ќе донесе просперитет на градот.

Советот на Oпштина Битола го донесе развојниот план на градот за следните две години. Проектите кои се предвидуваат за овој временски период предизвикаа жестока дискусија и обвинувања меѓу советниците од власта и опозицијата.

Од опозицијата се повикаа на ветувањата што беа дадени од кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талески на локалните избори во 2013 година, обвинувајќи дека најголемите проекти со кои ги собра гласовите на народот не се реализирани.

„Зошто во развојните планови ги нема топлификацијата и гасификацијата на општина Битола, зошто ги нема катните гаражи? Каде е хотелскиот комплекс Ниже Поле, каде е филмскиот град, до каде е реконструкцијата на железничката пруга од Битола кон Грција. На нивно место имаме имагинарни проекти“, изјави Златко Ќурчиевски, советник од СДСМ.

Тој обвини дека локалната власт со години ветува реконструкција на стадионот „Под Тумбе кафе“, за сега повторно да го внесе како проект во новиот развоен план на градот, откако не успеа да го обнови. Според опозицијата, со години се доградува и киното „Манаки“.

„Проектот изградба на куќата на Манаки, односно киното на Манаки, ако ја цитирам изјавата од 2013 година изградбата требаше да почне во 2013 година, а ентериерот да биде готов до 2014 година. Поминаа толку години, а сега верувале или не, 7,8 милиони денари се предвидени за изградба на таа куќичка и во 2017 година“, додаде Ќурчиевски.

Од локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека двегодишниот развоен план ќе донесе просперитет на градот. Во него планирани се изградба на улици и канализациона мрежа во касарната, реконструкција на две од најголемите улици во градот „Илинденска“ и „Солунска“ како и повеќе сообраќајници во руралните средини.

Игор Хаџиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, најави дека според планот, од в година ќе започне и реконструкција на северната трибина на градскиот стадион.

„Многу време слушавме како граѓаните повикуваат на изградба на градскиот стадион во Битола. Можам да кажам дека веќе се отпочнати подготовките за изградба на северната трибина на стадионот за што во 2017 година ќе бидат потрошени 99 милиони денари, следната 2018 исто толку, а во 2019 година ќе бидат потрошени 132 милиони денари“, рече Хаџиевски.

Тој додаде дека топлификацијата не е ставена во развојниот план зашто ќе ја гради ЕЛЕМ, а ако треба за секундарна мрежа ќе издвои пари и Општината.

„Јас немам точни информации до која фаза е стигната подготовката на топлификацијата на Битола. Знам дека ќе се одвива со средства на ЕЛЕМ, а ние сме целосно подготвени да преминеме кон изградба на секундарната мрежа во нашиот град најверојатн со државни пари и пари од буџетот на локалната самоуправа“, рече Хаџиевски.

Најголемиот дел од овој развоен план ќе треба да го спроведува идната локална самоуправа зашто на пролет битолчани ќе избираат нов градоначалник и советници.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG