Достапни линкови

Кои партиски лидери треба да си поднесат оставка?


Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на четрите најголеми македонски партии Груевски, Заев, Ахмети и Тачи. (архивска фотографија)
Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на четрите најголеми македонски партии Груевски, Заев, Ахмети и Тачи. (архивска фотографија)

Неизвесноста по изборите им дава право на партиите да ги толкуваат нештата како што им одговараат и затоа имаме безмалку толку победници колку што имаме и партии.

Ситуацијата по изборите сè уште е конфузна за оценување кој е победник и кој загубил, велат експертите по дебатите во јавноста дека лидерите на партиите потписници на Пржинскиот договор, секој на свој начин, е губитник на овие избори. Долгогодишниот политичар Петар Гошев вели дека опозицијата е победник, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски треба да си поднесе оставка.

„Фактички повеќе граѓани гласаа за опозицијата. Сега треба да се прегласаат уште некои места и формално може да се случи опозицијата да има исто или повеќе пратенички места. Де факто е таа е победник без оглед што ВМРО-ДПМНЕ оствари резултат кој не го заслужува. Така што оставките треба да следат кај партиите што беа на власт зашто де факто тие загубија на овие избори. Нивните гласови се многу помалку и пратенички места во споредба со претходните избори“, изјави Петар Гошев.

Аналитичарот Алексанадар Даштевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, а лидерот на СДСМ Зоран Заев пропуштил да си поднесе оставка по соопштувањето на првичните резултати од изборите.

„Имаме ветување од лидерот на опозицијата Заев дека ако изгуби и со еден пратеник ќе се даде оставка. Првичните резултати треба да ги прифати секоја партија зашто тоа се неофицијални, но првични резултати од кои се гледа кој победил, а кој изгубил. Бидејки ги имаме сега резултатите, без оглед на приговорите, тој требаше да си поднесе оставка, а после ќе видиме. Доколку нешто се смени, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е таа која треба да му честита за нерешениот резултат или за победата. Секогаш честита тој што изгубил“, изјави Даштевски.

Според Гошев, на овие избори најмногу изгуби владеачката партија на Албанците ДУИ, но наведува дека покренувањето на одговорност зависи од нивното членство. Гошев исто така нагласува дека во Македонија прашањето на политичка одговорност изостанува и укажува дека не постојат етички стандарди. Да постоеја стандарди многу луѓе одамна ќе ги немаше во политиката, вели тој.

Според Даштевски, претседателот на ДУИ Али Ахмети не треба да си замине од функцијата, иако партијата по изборите излезе со преполовен број на мандати. Аргументот на Даштевски е дека постојат сомневања дека гласовите на владејачката ДУИ се купени и оти партијата е вештачки оштетена.

До анализа доаѓа во ситуација кога ДИК треба да се произнесе за приговорите што во меѓувреме ги поднесоа опозицијата и партијата на Албанците Беса. Но и по добивањето на крајните и конечните резултати, дел од експертите се убедени дека конфузноста на ситуацијата нема да исчезне.

Според аналитичарот Лидија Христова, неизвесноста по изборите им дава право на партиите да ги толкуваат нештата на свој начин како што им одговараат и затоа, какао што дополнува, имаме безмалку толку победници колку што имаме и партии. Додека во Македонија јавност е сведок на победничкиот дух кај учесниците на изборите без оглед на резултатите, политичката одговорност е непозната категорија, вели Христова.

„Политиката се сфаќа и се реализира преку една мачо култура, на мускули се истуркуваат работите па категориите како компромис консензуалност и морална одговорност најверојатно се сфаќаат пред сè како слабост, а не какао доблест на политичарите“, изјави Христова.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG