Достапни линкови

Тензиите растат, изборните резултати оспорени


Заев – Резултатот е 50-50
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

Заев изјави дека Груевски не смее да формира влада. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека тој сака да им ја украде победата. Од ДУИ засега молчат за следниот чекор, а Беса очекува уште два мандати.

По објавувањето на првичните официјални резултати од предвремените парламентарни избори СДСМ им порача на сите партии што добија пратенички мандати, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислуваат да ја погазат волјата на мнозинството, кое гласаше за промени.

Заев - режимот не смее да формира влада

Претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција во партиското седиште, изјави дека режимот не смее да формира влада.

„Груевски не смее да формира влада, се знае кој ќе формира влада“, рече Заев.

Toj најави приговори до ДИК и кажа оти конечните резултати допрва следуваат. Заев посочи дека вистинскиот резултат на изборите е 50-50 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Има разлики во резултатите од избирачките места со податоците што ги објави ДИК, рече Заев.

Од СДСМ, исто така, рекоа дека проблемите кои што ги нотираат тие и кои имаат влијание врз изборниот процес се констатирани и од набљудувачите на изборниот процес. Од партија забележуваат дека и покрај притисоци во предизборниот и изборниот период, резултатите покажуваат дека граѓаните избрале промени. Заев рече дека по прогласувањето на конечните резултати од ДИК јасно е дека граѓаните си ја враќаат државата во свои раце и оценуваат дека времето на политичари како Никола Груевски е завршено.

Ѓорчев - Заев сака да ја украде убедливата победа

А ВМРО-ДПМНЕ веќе се подготвуваат за што побргу да создадат влада со однапред планирана агенда - да се намали јазот меѓу граѓаните и да се посветат на економијата и реформите. Ова го најави и лидерот на партијата Никола Груевски, а во партиското соопштение се посочува дека тој ќе биде мандатар на новата влада.

Поразениот Зоран Заев сака да ја украде убедливата победа и тоа нема да го дозволиме, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во партиското седиште. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ победи и во број на пратеници и во освоени гласови и во победи по општини.

„За тоа кој ќе ја составува владата не одлучува Зоран Заев, туку граѓаните на Република Македонија“, рече тој.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ѓорчев, победата на ВМРО-ДПМНЕ ја потврдија и меѓународните институции и ДИК. Ѓорчев рече дека народот нема да му дозволи на Заев да ја украде демократски изразената волја на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ како и од ДУИ нема изјави дали е можна опцијата за обновување на коалицијата меѓу нив, но експертите оценуваат дека во практика тоа би значело парламентарно мнозинство на минимум, бидејќи мали се шансите кон таквата коалиција да се придружат и другите помали партии на Албанците што исто така влегуваат во Парламентот.

Беса нема да коалицира со Груевски

Од партија Беса која на овие избори стана четврта политичка сила се отворени за состав на новиот владин кабинет, но нагласуваат дека не би влегле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на чело со досегашниот лидер на партијата Никола Груевски. Африм Гаши од оваа партија, изјави дека исто така нивната партија нема да седне на заедничка маса ниту со ДУИ.

„Во однос на коалициите за нас не е битно која партија е, но не сакаме да бидеме во иста влада со луѓе за кои има отворени постапки во СЈО. Ако ВМРО-ДПМНЕ сака со Груевски да направи влада како премиер тоа би било многу тешко изводливо за нас. Со ДУИ нема да коалицираме зашто тие досега ја промовираа корупцијата и криминалот и беа соучесници во сето тоа што се случи во Македонија заедно со гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Африм Гаши од Беса.

Од БЕСА поднесоа приговори до ДИК за втората и шестата изборна единица поради, какошто соопштија, низа нерегуларности со што билe оштетени во крајниот резултат со два мандатa. Приговорите се однесуваат на гласачки места во Липково, Арачиново и Тетово.

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во денешната изјава за медиумите изразува задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември, нагласувајќи дека не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните.

Тој им честита на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори - на победниците, како и на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес.

Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, како што вели Иванов, ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, како што вели, очекува во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG