Достапни линкови

Заев: Груевски не смее да формира влада


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев со пенкало. Комбинирана фотографија
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев со пенкало. Комбинирана фотографија

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе се подготвуваат за што побргу да создадат влада. Заев порача дека Груевски не смее да формира влада. Од ДУИ не зборуваат за следните чекори, а Беса не сака да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски.

По објавувањето на првичните официјални резултати од предвремените парламентарни избори СДСМ им порача на сите партии што добија пратенички мандати, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислуваат да ја погазат волјата на мнозинството, кое гласаше за промени.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција во партиското седиште, изјави дека режимот не смее да формира влада.

„Груевски не смее да формира влада, се знае кој ќе формира влада“, рече Заев.

Toj најави приговори до ДИК и кажа оти конечните резултати допрва следуваат. Заев посочи дека вистинскиот резултат на изборите е 50-50 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Има разлики во резултатите од избирачките места со податоците што ги објави ДИК, рече Заев.

Од СДСМ исто така рекоа дека проблемите кои што ги нотираат тие и кои имаат влијание врз изборниот процес се констатирани и од набљудувачите на изборниот процес. Од партија забележуваат дека и покрај притисоци во предизборниот и изборниот период, резултатите покажуваат дека граѓаните избрале промени. Заев рече дека до прогласувањето на конечните резултати од ДИК јасно е дека граѓаните си ја враќаат државата во свои раце и оценуваат дека времето на политичари како Никола Груевски е завршено.

ВМРО-ДПМНЕ веќе се подготвуваат за што побргу да создадат влада со однапред планирана агенда да се намали јазот меѓу граѓаните и да се посветат на економијата и реформите. Ова го најави лидерот на партијата Никола Груевски, а во партиското соопштение се посочува дека тој ќе биде мандатар на новата влада. И покрај тоа што бројот на пратеници им се скуси од 61 на 51, сепак од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека граѓаните препознале кој ги штити националните интереси. Тие исто така посочија дека претходно земјата две години се наоѓала во политичка криза.

Од ВМРО-ДПМНЕ како и од ДУИ нема изјави дали е можна опцијата за обновување на коалицијата меѓу нив, но експертите оценуваат дека во практика тоа би значело парламентарно мнозинство на минимум, бидејќи мали се шансите кон таквата коалиција да се придружат и другите помали партии на Албанците што исто така влегуваат во Парламентот.

Од партија Беса која на овие избори стана четврта политичка сила се отворени за состав на новиот владин кабинет, но нагласуваат дека не би влегле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на чело со досегашниот лидер на партијата Никола Груевски. Африм Гаши од оваа партија, изјави дека исто така нивната партија нема да седне на заедничка маса ниту со ДУИ.

„Во однос на коалициите за нас не е битно која партија е, но не сакаме да бидеме во иста влада со луѓе за кои има отворени постапки во СЈО. Ако ВМРО-ДПМНЕ сака со Груевски да направи влада како премиер тоа би било многу тешко изводливо за нас. Со ДУИ нема да коалицираме зашто тие досега ја промовираа корупцијата и криминалот и беа соучесници во сето тоа што се случи во Македонија заедно со гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Африм Гаши од Беса.

Од Беса исто така најавија дека ќе поднесат жалби до ДИК зашто мислат дека им се одземени две пратенички места.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG