Предвремените парламентарни избори во Македонија не донесоа стабилен и извесен победник. Во игра се многу опции, велат аналитичарите, но тие нагласуваат дека е сигурно оти владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгубија многу пратенички мандати и освоија најлоши резултати досега. ВМРО-ДПМНЕ има далеку под очекуваните 63 мандати, а ДУИ е со многу помала доверба кај албанскиот електорат. Аналитичарите кои ја коментираат речиси изедначената разлика сметаат дека во ваква ситуација тешко ќе биде да се состави влада која ќе функционира и ќе носи квалитетни закони кои ќе водат кон напредок на државата.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека попрецизни согледувања како ќе изгледа идната македонска влада може да се дадат кога ќе има распределба на мандатите, односно точен сооднос на силите во идниот Парламент.
„Во секој случај, како и да бидат конечните резултати, факт е дека ќе бидат многу изедначени и дека на една страна го имаме ВМРО ДПМНЕ и евентуално ДУИ кои би имале 60 или 61 пратеник и од другата страна СДСМ со останатите албански партии кои иста така се на 60 или 61 пратеник. И воопшто, доколку може ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да состават влада, тоа ќе биде многу нестабилна влада која ќе се држи евентуално на еден пратеник “, вели професор Никола Дујовски.
Тој смета дека по изборите просторот на СДСМ е поширок. Според него, тие би можело да коалицираат со останатите албански партии или со ДУИ и со уште една од албанските партии. Сепак, тој нагласува дека далеку сме од тоа и додава дека треба да се види прво како ќе заврши конечната распределба на мандати.
Политичкиот аналитичар Алберт Мусли дополнува дека неизвесноста ја зголемува и тоа што веќе има поднесени приговори од некои политички партии.
„Да причекаме како ќе заврши процесот. Има оспорувања на одредени избирачки места, Донтовиот модел може да направи мали промени на крајот. Во секој случај од добиените бројки јасно е дека сите традиционални можни мнозинства се тесни и не се стабилни. Сите комбинаторики се отворени“, вели Муслиу.
Според него, ако резултатите останат како што се моментално, можно е ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ повторно да коалицираат, но дополнува дека преговарачките позиции се веќе поинакви. Сигурно дека ВМРО-ДПМНЕ не ќе може со комоцијата од 2014 да влезе во преговорите, вели Муслиу.