Достапни линкови

Резултатите познати, неизвесноста продолжува


Тесен изборен резултат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пратеничкиот состав ќе биде изедначен. Почнуваат да течат законските рокови за евентуални приговори.

Според прелиминарните резултати на ДИК, по обработени 99,72 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија имаат освоено 452.709 гласови или 38,06 насто. Следуваат СДСМ и Коалицијата со 436.469 или 36,69 насто, ДУИ освои 86.812, Движењето БЕСА 57.927, Алијанса за Албанците 35.091 гласови и ДПА 31.017 освоени гласови. ВМРО за Македонија има 24.449 гласови, Левица 12.119, Коалицијата за промени и правда - трет блок 10.083, ЛП 3.840, а ПДП 1.142 гласа. Гледано по изборни единици, СДСМ освои убедлива победа во првата изборна единица, а ВМРО-ДПМНЕ во третата. Гласовите се речиси изедначени во петтата и шестата изборна единица, со блага предност на ВМРО-ДПМНЕ, а во втората и четвртата изборна единица повеќе гласови освоила ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата за подобра Македонија.

И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ слават победа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Сега секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија,во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати.

За евентуално поднесените приговори од страна на партиите или подносителите на листите, ДИК е должна да донесе одлука во рок од 48 часа. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата. Одлуките по приговор и тужбата со самото донесување се објавуваат на интернет страницата на Управниот суд и на ДИК.

СДСМ рано утрово соопшти дека согласно резултатите од нивниот аналитички центар на партијата, бројот на освоени мандати на СДСМ е 51 и оти ВМРО-ДПМНЕ освоиле, исто така, 51 мандат.

„Мнозинството граѓани на вчерашните парламентарни избори гласаше за промени. Таквата волја на граѓаните стана евидентна и покрај бројните примери на притисоци, заплашување и купување гласови“, се вели во соопштението на СДСМ.

Но, интересно е тоа што синоќа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прогласија победа и славеа со своите симпатизери. Првите пред седиштето на партијата, а другите пред Влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека победиле на изборите додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш ќе бидат со народот.

„Како и да се свртат работите, што и да се случува, ова го кажувавме и пред, а сакам да го кажеме и после избори, дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и секогаш ќе остане на линијата на државните и национални интереси на Република Македонија и во корист на народот, на граѓаните на Република Македонија“, рече Груевски.

Пред насобраната топла пред Владата, лидерот на СДСМ, Зоран Заев им се поклони на граѓаните и им се заблагодари што гласале за промена.

„Почитувани граѓани радувајте се, славете го животот, падна режим, падна режим. Навистина се историски моменти, покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат во оваа наша мултиетничка Македонија, дека Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, единствена, слободна земја“, рече тој.

Инаку според член 63 од Уставот на Република Македонија, новоизбраниот состав на Собранието се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21 ден од денот на завршувањето на изборите.

Според член 90 од Уставот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери мандатот на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG