Достапни линкови

Политичарите очекуваат крај на кризата – За Заев или победа или оставка


Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека ако вечерва не победи, тоа ќе биде и крај на неговата политичка кариера. Домашните политичари очекуваат избори кои ќе означат крај на политичката криза.

Мирни и фер избори за крај на политичката криза, очекуваат домашните политичари. Откако го искористија своето право на глас, оценија дека изборниот ден поминува во демократска атмосфера. Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека ако вечерва не победи, тоа ќе биде и крај на неговата политичка кариера.

Претседателот Ѓорге Иванов, по гласањето, рече дека вечерва треба да им се честита на победниците, а поразените да го признаат легитимитетот на избраните.

„Очекуваме во најскоро време да се конституира новиот состав на Собранието, да се избере влада и владата да ги исполни сите ветувања што ги даде во предизборниот период. Очекуваме конечно да излеземе од политичката криза и да се посветиме на нашите стратегиски цели, да ја вратиме евроатлантската агенда на највисокото место, да биде приоритет на државата“, рече претседателот Иванов.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, пак, рече дека е задоволен од текот на изборната кампања и од денешното гласање и изрази надеж дека така ќе биде и до крајот на денот.

„Посакувам победникот да работи понатаму за доброто на Република Македонија, да престане вештачко наметната политичка криза и да продолжиме ние да работиме за доброто и за економски просперитет и на граѓаните и на Република Македонија. Тоа е наша должност како политичари да го направиме“, истакна Вељаноски.

Премиерот Емил Димитриев, по гласањето во Пробиштип, рече дека очекува политичките субјекти да ги прифатат резултатите од изборите.

„На еден начин, со ова отвораме нова страница во нашата историја со влегување во помирни води, со формирање политичка влада, оставање на кризата зад нас и концентрирање на реализација на изборната програма на онаа партија што ќе ја добие довербата од народот“, рече Димитриев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, откако гласаше, рече дека граѓаните треба да излезат масовно да гласаат и да го дадат своето мислење за тоа како и во кој правец во идните години треба да се движи Македонија.

„Среќен сум и задоволен што досега, до 14 часот, според сите информации нема никакви посериозни проблеми, гласањето се одвива нормално, фер и демократски. Тоа ме радува, тоа е добро за државата, и за сите нас што живееме во неа и за нејзината иднина. Се надевам дека така ќе завршат изборите денеска“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пак, по гласањето во Струмица оцени дека денеска е историски ден за Македонија. Доколку победат вечерва прво ќе прогласи победа, а во спротивно тоа ќе значи крај на неговата политичка кариера.

„Ако на вака значајни избори се случи негативен резултат тогаш ми завршува политичката кариера, но не размислувам на оваа варијанта, зашто зрела е Македонија, животот се враќа и убеден сум дека победуваме. Веќе размислуваме како да се втурнеме, да го подобриме и унапредиме животот и она што го ветивме пред граѓаните“, рече Заев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, оцени дека овие избори се многу битни за имиџот на државата, но и за натамошните демократски процеси.

„Како што имавме мирна кампања, да помине мирно и овој ден. Вечер, по терк на сите демократски стандарди, политичките субјекти да ги признаат изборните резултати“, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети по гласањето на избиричкото место во Зајас.

И претседател на ДПА Мендух Тачи се надева дека изборниот ден ќе заврши без поголеми проблеми.

„Мислам дека полека се создава клима на добри избори. Се надевам дека до 19 часот нема да имаме поголеми проблеми“, изјави Тачи.

Лидерот на Беса, Биљал Касами, оцени дека денеска е голем ден за Албанците и за сите граѓани во Македонија.

Се надевам, рече Касими, на масовна излезност на сите граѓани и Македонија еднаш засекогаш да се врати на патот на евроинтеграциите.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, пак, по гласањето изјави дека иднината на Македонија е во рацете на граѓаните и дека новите членови на парламентот ќе ја сфатат неопходноста за продолжување на мандатот на СЈО и дека треба да продолжи со работа.

„Очекувам поддршка од новата власт, како што има и досега, без разлика што некои изјави не одеа во контекст на нашата работа“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG