Странски новински агенции: избори со нерешен резултат
Сигурно е дека ниту една од двете големи коалиции нема да може сама да формира влада и оти тоа ќе треба да се направи со некоја партија на албанците.
http://www.slobodnaevropa.mk/a/28171204.html
СДСМ: и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ по 51 пратеник
СДСМ рано изутринава соопшти дека согласно резултатите од нивниот аналитички центар на партијата, бројот на освоени мандати на СДСМ е 51 и оти ВМРО-ДПМНЕ освоиле, исто така, 51 мандат. „Мнозинството граѓани на вчерашните парламентарни избори гласаше за промени. Таквата волја на граѓаните стана евидентна и покрај бројните примери на притисоци, заплашување и купување гласови“, се вели во соопштението. Според СДСМ, „шпекулациите со изборните резултати кои ги прави Собранието на РМ на својата веб страна е спротивно на закон“. Собранието нема никава улога во изборниот процес, наведува СДСМ.
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ 452.709, СДСМ 436.469
Според прелиминарните резултати на ДИК од гласањето на предвремените парламентарни избори, по обработени 99,72 отсто од гласовите на 3.514 од вкупно 3.524 избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 452.709 гласови или 38,06 насто, СДСМ и Коалицијата 436.469 или 36,69 насто, ДУИ 86.812, односно 7,30 проценти, Движењето БЕСА 57.927 или 4,87 проценти, Алијанса за Албанците 35.091 или 2,95 проценти, ДПА 31.017, односно 2,61 насто гласови.
ВМРО за Македонија има 24.449 гласови (2,06%), Левица 12.119 (1,02%), Коалицијата за промени и правда - трет блок 10.083 (0,85), ЛП 3.840 (0,32%), а ПДП 1.142 (0,10%) гласа. Во текот на денешниов ден ДИК ќе излезе со првичните резултати од гласањето на предвремените парламентарни избори и дека тогаш комисијата ќе се произнесе со своја оценка за изборниот процес.
ДИК – ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови, конечни резултати во текот на денов
ВМРО-ДПМНЕ освои околу 15 илјади гласови повеќе од СДСМ на предвремените парламентарни избори, покажуваат првичните резултати, информира три часа по полноќ претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.
Тој сепак не излезе со бројка на освоени пратенички мандати за партиите. Најави дека во текот на денов, по обработка на податоците, ДИК ќе излезе со конечни резултати и распоред на пратеничките мандати.