Неизвесно до крај, и Груевски и Заев прогласија победа
Три часа по полноќ Државната изборна комисија се уште не излезе со првични резултати. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прогласија победи и излегоа на улиците во центарот на Скопје да прослават. Граѓанската асоцијација МОСТ, пак, соопшти дека се уште е рано за кој било да прогласи победа. Изненадување има во албанскиот блок, каде е забележано големо намалување на бројот на пратеници.
Тачи - Целосно ја преземам одговорноста за изборниот резултат на ДПА
Претседателот на ДПА Мендух Тачи целосно ја презеде одговорност за постигнатиот резултат на партијата на предвремените парламентарни избори.
Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа што значи преземање на целосната одговорност за изборниот резултат на ДПА Тачи изјави дека се знае кога претседател на партија ја презема одговорноста.
„Јасно е, но не смеам вечерва да го кажам бидејќи ги чекаме конечните резултати и не сакам ништо да драматизирам. Се знае кога презема претседателот одговорност“, рече Тачи.
МОСТ – Рано е да се прогласи победник
Граѓанската асоцијација МОСТ ги обработи сите избирачки места, но поради тоа што резултатот е премногу тесен не направи симулација на распределбата на пратеничките мандати. Дополнително, на распределбата на мандатите може да влијае и евентуалното прегласување поради забележаните нерегуларности.
„МОСТ заклучува дека двете водечки партии, по бројот на освоени гласови, се преблиску една до друга и оваа разлика во распределбата на мандати, во зависност од маргината на грешка којашто е изразена по секоја од изборните единици, влијае на тоа кој ќе освои најмногу мандати“, рече Дарко Алексов од МОСТ на прес-конфренцијата што ја одржа во 1:30 утринава.
Ахмети гневен, прогласи победа
Лидерот на ДУИ Али Ахмети вечерва рече дека ДУИ остварила изборна победа во албанскиот блок
„Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците“, рече тој.