Тоа што Државната изборна комисија доцни со објавувањето на резултатите во услови на тесна разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ може да значи дека сите се повнимателни и нужно не упатува на нерегуларности, оценија меѓународните набљудувачи на изборите на денешната прес-конференција.
Во прелиминарната оценка на меѓународната набљудувачка мисија се наведува и дека парламентарните избори беа конкуретни и суштински чекор во решавањето на двегодишната криза, но се одвиваа, како што наведуваат, во средина на широко застапена недоверба во институциите и политичкото уредување.
„Високата излезност сведочи дека гласачите ја сфатија клучната улога која добрите избори ја имаат за иднината на нивната земја. Политичарите сега имаат одговорност да ги исполнат таквите очекувања. Тие мора да го искористат моментот и мандатот кој им е доверен за да продолжат со реформите кои се неопходни за иднината на земјата“, рече Роберто Батели специјален координатор и предводник на краткорочната мисија на ОБСЕ.
Во прелиминарниот извештај се наведува и дека во текот на целата кампања беа присутни наводи за заплашување гласачи, широко застапен притисок врз јавните службеници, купување гласови, принуда и злоупотреба на административни ресурси.
„Дузина такви наводи беа потврдени од набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР“, пишува во извештајот.
„Мојата длабока загриженост се однесува на тоа што се случи минатата недела во вашата земја. Тој масовен притисок врз државните службеници, притисокот врз наставниците, врз медицинските сестри, врз лицата кои работат во администрација, тоа мора да се смени“, рече Штефан Шенах, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Гласањето на изборниот ден општо земено течеше уредно и немаше поголеми инциденти, рече Тана Де Зулуета шеф на набљудувачката мисија за избори на ОДИХР.
„Процесот на гласање беше позитивно оценет во 97 отсто од набљудуваните места, а процедурите општо земено се следеа и мислам дека повеќето чинители ќе го потврдат ова. Но сепак воочивме дека на одреден дел луѓе не им беше дозволено да гласаат, затоа што не беа на избирачкиот список“, рече Де Зулуета.
Набљудувачите забележуваат и дека разноликата медиумска сцена е поделена по политичка и етничка линија, а дека некои од набљудуваните приватни медиуми покажале пристрасност кон владејачката партија. Во однос на финансирање на кампањите се наведува дека регулативите се сеопфатни, но транспарентноста е намалена поради непостоењето обврска за учесниците во изборниот процес да приложат банкарски изводи и сметки со извештаите.
„Извештаите поднесени од страна на учесниците во изборниот процес на 1 и 10 декември покажуваат значителни надминувања на буџетот, особено од страна на ВМРО-ДПМНЕ“. се наведува во извештајот.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР на вчерашниот изборен ден посетила 1.337 избирачки места, а присуствувале на броењето на гласовите во 131 избирачко место. Конечниот извештај се очекува во почетокот на идната година.