Резултатите од македонските избори се една од главните теми во онлајн изданијата на грчките медиуми, иако темата предизборно беше во сенка во медиумите поради внатрешните проблеми во Грција.
„Можноста за самостојно формирање влада е далеку, а неизвесноста е блиску“, пишува весникот „Етнос“, кој коментира дека неизвесноста е единствениот јасен победник на македонските избори. Грчката информативна агенција „АПЕ“ пренесува дека ако се суди по изборните резултати Македонија ја чека уште долг пат за да постигне политичка стабилност, коментирајќи дека државата веќе две години е парализирана поради политичката криза.
„Апсолутна е неизвесноста во „поранешната југословенска Република Македонија“, каде и десничарското мнозинство и центро-левичарската опозиција тврдат дека победиле на вчерашните предвремени избори, сценарио кое тешко ќе донесе стабилност во држава која веќе две години се наоѓа во криза“, пишува „АПЕ“, опишувајќи ја пост-изборната клима во Македонија.
(И СДСМ и ВМРО ДПМНЕ славеа во Скопје)
Во анализата за изборите на АПЕ се забележува дека по 10 години изборни порази, поддржувачите на СДСМ вчера славеа на улиците на Скопје, покажувајќи дека немаат ни трошка сомневање дека е време за политички промни во државата. Клучен фактор во оваа постизборна игра, како што коментира АПЕ, се албанските партии, конкретно ДУИ бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за да може да формираат партија ќе мора да најдат коалициски партнер.
Весникот „Катимерини“, пак, во анализа на ситуацијата во Македонија, вели главна дилема е што по изборите.
„Прашањето на следниот ден е дали Груевски ќе ја води новата влада или пак ќе се повлече? Во други услови ќе беше целосно нормално лидерот на партијата која победува на изборите да формира влада и да биде премиер. Ако Груевски повторно е премиер дали опозицијата ќе учествува во парламентарната и воопшто политичката игра во државата? Ако не, дали ќе може да функционира државата само со Груевски и помалите партии во Парламентот во време кога државата се стреми за напредок на патот кон ЕУ и НАТО?“, пишува „Катимерини“.
Предвремените парламентарни избори, како што пишува весникот, се предизвикани од опозицијата и меѓународниот фактор со цел на демократски начин Груевски да биде тргнат од власт и на тој начин да се стави крај на политичкиот ќорсокак во кој се наоѓа Македонија.
Од грчката владаза сега нема официјални коментари и реакции за изборите. Пратеникот на СИРИЗА и потпретседател на грчкото собрание Јоргос Ваременос, кој ги следеше изборите во Македонија како набљудувач на ОБСЕ забележува дека изборите покажаа голема поларизација на општеството.
„Ова беа многу важни избори, некои ги нарекуваа и историски. Владееше клима на поларизација, но немаше инциденти или друг виднемири. Но, имаше голема политичка поларизација“, изјави Ваременос во интервју за радиото на грчката државна информативна агенција „Практорио ФМ“.
Пратеникот на СИРИЗА коментира дека иако Груевски и ВМРО имале националистичка предизборна реторика на секое поле како заканите за федерализација на државата, сепак, таквиот став не им помогнал да ги добијат очекуваните резултати.
Подготви Миркица Поповиќ