Ретерирање од жестоката реторика кон странските амбасадори и меѓународната заедница, која интензивно почна од минатата недела, или само одбегнување на одговорноста и барање на други виновници по реакциите од Вашингтон, Брисел и Берлин - ова се дилемите на упатените поттикнати од синоќешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
По изјавата на портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич дека тие цврсто ја осудуваат секоја запалива и опасна реторика, вклучувајќи и таргетирање на претставниците на меѓународната заедница во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека и тие осудуваат говор на омраза и повици за насилство.
Но, зачуденост во јавноста предизвика барањето допрецизирање и појаснување за таквите наводи со цел, како што пишуваат, надлежните институциите поефикасно да превенираат такви случаи.
„Во конкретниов случај мислам дека ВМРО-ДПМНЕ бара виновници не сакајќи да ја признае својата сопствена вина и во услови на губење на изборите сака вината да ја префрли на некој друг, вклучително и на меѓународната заедница“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.
Негативната атмосфера кон некои западни амбасадори се подгреваше уште од почетокот на кризата, но реториката од членови на партијата на Груевски посериозно се заостри минатиот четврток, на протестот пред Државната изборна комисија.
„Да го поздравам амбасадорот и да му кажам, не ги закрвувај односите на двете држави, не ни треба нов Таксим и нов Киев“, рече пред насобраните Филип Петровски, директор на Државниот архив.
Порака до странците од пред ДИК имаше и Мане Јаковлевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, како што е објавено на партиската интернет страница.
„Им порачувам на западните мешетари нека не се играат со трпението на ВМРО-ДПМНЕ, ако почнеме нема враќање назад веќе“, рече Јаковлевски.
За разлика од претходно, кога ваквите пораки остануваа да бидат пренесени од партиски членови, овој пат и Груевски имаше порака до странците наведена во партискиот проглас.
„Мора да запре мешањето на дел од странските амбасадори во внатрешните работи во Македонија”, рече Груевски.
Тоа се несомнено пораки со говор на омраза, вели долгогодишниот новинар и познавач на проблематиката Зоран Бојаровски.
„Овој апсолутно апсурден и чуден став на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа се разбира како резултат на своевидниот дипломатски притисок што беше направен од меѓународната заедница по оние сериозни настапи на лидерите на партиите и нивните ударни поддржувачи, во кои непримерно и невидено досега беа сеени говор на омраза и поттикнување на политичка нетрпеливост внатре во македонската заедница“, вели Бојаровски.
Прв деновиве реагираше Вашингтон. Пред три дена портпаролот на Стејт департмент Џон Кирби рече дека ја осудуваат потпалувачката реторика од некои политички лидери, напаѓајќи ги демократските институции и амбасадорите акредитирани во Македонија. Вчера пак покрај реакцијата на Брисел преку портпаролката Коцијанчич, Фондацијата на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел упати остри критики за однесување кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на ЕУ. Но, да им се префрла на амбасадорите и странските претставници мешање во внатрешните работи и директно влијание врз работата на поединци во ДИК е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми“, пишува авторот на текстот Јоханес Реј.