Достапни линкови

„Соросоидните“ организации под лупа на УЈП


Зградата во која се сместени повеќе институции, меѓу кои и Управата за јавни приходи.
Зградата во која се сместени повеќе институции, меѓу кои и Управата за јавни приходи.

Се врши притисок на невладините организации кои имаат критички став кон власта, велат од невладините кои деновиве се мета на инспекторите. За нив спорен е тајмингот на контроли, оти се случува веднаш по објавата на Груевски дека ќе се справува со соросоизацијата на граѓанскиот сектор.

Политички притисок и обид за замолчување на граѓанскиот сектор. Вака дел од невладините организации кои деновиве се под удар на инспекциски надзор на УЈП ги коментираат финансиските контроли на оваа институција. Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска вели дека веќе трет ден финансиската инспекција ги проверува документите во Хелсиншки. Иако контролата им била најавена како редовна на 6-ти декември, Пировска се сомнева дека е така, бидејќи Управата во меѓувреме соопшти дека контролите биле по барање на друг државен орган уште од ноември.

„Апсолутно не сметам дека станува збор за регуларна контрола или за случаен избор на организации. Напротив, сметам дека постои тенденција и притисок на невладините организации коишто секогаш имале критички став по однос на политиките на власта, односно организации коишто се на некаква црна листа кај ВМРО-ДПМНЕ“, вели Пировска.

Таа додава дека од страна на поранешниот премиер Никола Груевски, многу јасно било ставено до знаење какви се неговите намери со невладиниот сектор.

„Тој навистина оди во насока на политиките на другите авторитарни држави и диктатори како Орбан и Путин“, вели Пировска.

И од Фондацијата отворено општество, каде што, исто така се очекува деновиве да влезат финансиските инспектори на УЈП, велат дека работат транспарентно и во согласност со законските прописи, а сите обврски кон државата навремено ги подмириле.

„Ние досега со ниедна влада или владина институција во текот на овие 24 години не сме имале ваква ситуација, да ни биде најдена забелешка на нашето работење, а посета од УЈП не сме имале воопшто“, вели директорката на Фондацијата отворено општество, Фани Каранфилова-Пановска.

Според неа, она што е симптоматично е тајмингот. Ова се случува во предизборие и по завршување на изборите, кога се уште не сме излезени од длабоката криза и се случува паралелно низ повеќе од дваесет организации, вели таа.

„Тоа упатува на сомнеж дека се работи за притисок врз граѓанските организации со цел да се задуши граѓанското движење, затоа што сите организации кои се предмет на финансиска контрола од УЈП беа многу гласни и артикулирани целиот овој период, а особено на планот на мониторинг на предизборните активности на политичките партии“, вели Каранфилова-Пановска.

Од Управата за јавни приходи соопштуваат дека согласно своите законски надлежности, а без разлика на политичките текови во државата, редовно вршат контрола кај сите даночни обврзници.

Во конкретниот случај е постапено по барање на друго државно тело од ноември, кое како што информираат од УЈП има надлежност да покренува иницијатива за контрола на финансиско-материјално работење. Името на државната институција која ја покренала таа иницијатива не го откриваат. Инспекциските контроли врз невладиниот сектор се случуваат во време кога пред само неколку дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски објави проглас на партијата во кој меѓудругото најави борба за десоросоизација на граѓанскиот сектор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG