Достапни линкови

Платеници, пратеници и странски служби


Република предвидува дека по претстојните избори „платениците на Сорос ќе станат пратеници со помош на Заев‟. Главна тема на анализа во Глобус е насловена „Измислување крв по улици од кафуле на ‛Ленинова‛‟, а Фокус пишува „ЕфБиАј потврди – бомбите не се сечени, лепени и монтирани!‟

Република - платениците ќе станат пратеници со помош на Заев

На насловната страница Република објавува дека „Партиите постигнаа договор – Избори на 11 декември‟, а во уводникот се повторува тезата со која се поврзуваат Сорос и Фондацијата отворено општество Македонија со опозициската СДСМ и тоа дека „соросовите марионети‟, како што пишува, „кои во Македонија дејствуваат затскриени зад таканаречените невладини и непрофитни организации, а спонзорирани од Фондацијата Отворено општество со милиони евра секоја година и досега ја спроведуваа политичката агенда на нивниот газда – мајсторот куклар – но никако не успеваа да се наметнат како сериозен фактор во донесувањето на круцијалните политички одлуки‟.

Република потоа предвидува дека по претстојните избори „платениците ќе станат пратеници со помош на Заев‟, затоа што со негова и со помош на СДСМ, отстапувајќи им најмалку пет сигурни места на пратеничките листи на опозициската партија, „платениците на Сорос‟ ќе го добиеле токму она што го посакувале, а за што стравувале дека нема да можат да го остварат ако регистрираат партија и одат сами на избори. За возврат, пак, Заев верувал дека нема да загуби значителен број членови и симпатизери на партијата кои не биле задоволни од неговото раководење, а со тоа ќе избегнел тотален распад на партијата до претстојните избори.

Глобус - Измислување крв по улици од кафуле на „Ленинова“

Во главната тема на анализа на Глобус под наслов: „Измислување крв по улици од кафуле на ‛Ленинова‛‟, неделникот забележува дека нападите врз американското посредништво во нашите избори од страна на протагонистите на владиниот интерес „сега не се упатуваат директно кон Вашингтон, туку се засилуваат нападите врз фондациите и невладиниот сектор како ‛експоненти на ЦИА‛‟. Дури, за да се омекне впечатокот и самите Американци, во овие написи, се бранат од Фондацијата отворено општество Македонија, пишува потоа неделникот, како небаре таа да сака ним да им наштети. Семоќните јенкиевски институции, се чини, не можат да го видат она што е забележано овде кај нас, поточно од некое кафуле на ‛Ленинова‛, додава иронично Глобус, наведувајќи го како пример фељтонот во три продолженија во провладиниот Вечер: „Секогаш грант? Ние плаќаме за крв по улици! Еве што финансирал Сорос‟.

Фокус - FBI потврди – бомбите не се сечени, лепени и монтирани!

Фокус на насловната објавува ексклузивна вест: „ЕфБиАј (FBI) потврди – бомбите не се сечени, лепени и монтирани!‟ Во уводникот дообјаснува дека во еден ненормален амбиент било нормално и логично прво да се разреши автентичноста на снимките „за кои груевци упорно верглаа дека се сечени, лепени и монтирани, а зошто тоа не го поткрепија со експертиза од релевантна лабораторија!?‟ И кога веќе „квалитетот‟ на снимките сите како да го заборавија, продолжува неделникот, „релевантен извор за Фокус тврди дека енигмата е решена. Гласовите што ги слушавме преку ‛бомбите на Заев‛ не се сечени, лепени и монтирани. Таков е наодот на Федералното истражно биро кое е во рамките на Министерството за правда на САД. Затоа веројатно беше захуктана антиамериканската пропаганда од куририте и партизанските курирки изминативе месеци. Да го обезвреднат ‛непријателскиот наод‛!? За ‛народот‛ на Груевски да го лапне како цуцла лажливка!‟ - заклучува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG