„Џорџ Сорос сака да ја уништи Македонија, нејзиното име, јазик и идентитет“, „Има пари, нема мир - шест милиони евра од Сорос“, „Валканите пари на Сорос не можат да го купат народот”.
Илјадници вести на пребарувачите може да се најдат поврзани со името на американскиот милијардер со потекло од Унгарија, кој со години во земјава од дел медиуми е обвинуван дека поттикнува акции против државата.
Уранија Пировска од Хелсишнкиот комитет за човекови права која и лично честопати е напаѓана во медиумите, а неодамна нејзиното име и приходите се најдоа во текст со наслов „Платеничката револуција на СДСМ брутално го корумпира општетството“, вели дека не се оцрнуваат само луѓето што соработувале со Сорос, туку сите критичари на власта.
Таа додава дека теориите на заговор дека Џорџ Сорос е моќник што сака да поставува правила во светот вообичаено ги прифаќале десноориентираните влади, напоменувајќи дека ваков однос имало и во претходно владеење на ВМРО-ДПМНЕ без разлика што некој од партиските челници во одреден временски период биле дел од организацијата.
„Тоа нормално се анулира, но тоа веќе е извадено на виделина и многу луѓе знаат кои точно членови на ВМРО-ДПМНЕ, денес високи функционери биле претходно и членови на Сорос, да не зборувам и за претседателот Ѓорге Иванов кој бил член на Управен одбор, но секако, тоа се става настрана“, вели Пировска.
На страницата на Институтот отворено општество на која се наведени и членовите на управниот одбор од 1992 година досега, покрај името на претседателот може да се најде и Паско Кузман кој важеше за близок човек до власта. СДСМ пак во една партиско соопштение објави и дека дел од организацијата или пак корисници на стипендии и фондови од Сорос во одреден момент биле и Илија Димовски, Антонио Милошоски и неколкумина други партиски членови.
И додека за невладините што ги финансира фондацијата исто така е објавено на интернет страницата, се посочува и дека за финансирањето на други невладини, па и медиуми нема никакви податоци.
„Оние пари што одат од државата за некој граѓански сектор никогаш не може да се детектираат. Значи ако ги отворите интернет страниците на тие невладини организации што добиле некакви пари од власта нема да најдете никаков податок. Тоа отвора уште еден сомнеж за тоа каде одат парите“, вели Пировска.
Во меѓувреме додека се напаѓаат и медиумите што се финансирани од фондацијата, се зголемува и пренесувањето на информациите од Русија поврзани со Македонија.
„Но не знаеме за некоја конкретна руска организација и дали постои воопшто некоја организациска структура од Русија што влева пари во Македонија. Можеби има, но никој не може да тврди“, вели долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски.
Дека не се само медиумите оние кои во името на Сорос го гледаат најголемиот непријател, покажа и интервјуто на претседателот на владејачката партија Никола Груевски. Тој во мај рече дека невладините, кои се финансирани од Сорос преку секташко однесување врбуваат млади луѓе да работат против Македонија. Дури и прецизираше - дека не некои од предавањата говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ, самиот заклучувајќи- тотално лудо!