Достапни линкови

Дали сега министрите од СДСМ ќе бидат поитри?


Министрите и заменици министри од СДСМ, станаа дел од техничката Влада која треба да ги спроведе изборите на 11 декември. Поучени од претходното искуство, според експертите, тие ќе имаат подобри резултати во својата работа, но се зависи од политичката волја на власта.

Старо-новиот кадар од СДСМ повторно зеде учество во новата техничка Влада за спроведување на предвремените парламентарни избори овој пат закажани за 11 декември, согласно договорот на најголемите четири политички партии потписнички на пржинскиот договор. Централниот одбор на СДСМ синоќа ги потврди истите имиња кои беа во состав и на минатата техничка Влада. Тие ќе имаат задача да се осигураат дека изборите ќе бидат спроведени на фер и кредибилен начин.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека се зависи од политичката волја на власта дали ќе сака изборите да бидат спроведени согласно договорот и со тоа да им дозволи на функционерите од СДСМ да си ја вршат својата работа.

„Но, јас мислам дека таа политичка волја недостасува кај политичките партии на власта. Јас не гледам подготвеност да се откажат од бенефициите кои можат да ги добиваат или да им ги даваат институциите на системот во однос на добивање на повеќе гласови или изнудување на подобар резултат“, истакнува Незири.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски смета дека министрите и заменици министри од СДСМ овој пат ќе бидат поискусни за разлика од минатата техничка Влада бидејќи веќе еднаш го поминале тој пат и се свесни што ги очекува до изборите.

„Сметам дека ќе се постават на начин на кој што да речеме би обезбедиле фер услови за спроведување на изборите. Така што од оваа временска дистанца мислам дека со искуството кое што претходно го стекнаа дека ќе остварат подобри резултати со цел да ги реализираат изборите на начин на кој што заслужуваат граѓаните на Република Македонија“, вели Гаџовски.

Според Незири, проблем повторно ќе биде партизирањето на институциите на системот и нивно ставање во функција на партиските активности, како и опструкциите во работата на СЈО и тоа може да биде пречка изборите да бидат фер и кредибилни.

„Значи ако не функционира правниот систем не можеме да очекуваме дека изборите ќе бидат поинакви од тие што ги имавме порано“, додава Незири.

Министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ ќе биде Оливер Спасовски, за труд и социјала Фросина Ременски, заменик министер за финансии Кире Наумов, за земјоделие Љупчо Николовски и за администрација Александар Кирацовски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG