Собранието изгласа Оливер Андонов да биде министер за внатрешни работи со мандат од помалку од 24 часа, односно до утрешната седница кога пратениците ќе гласаат за техничка влада во која на оваа функција ќе биде назначен кандидат од редовите на опозицијата, согласно договорот меѓу партиите за излез од политичката криза.
Премиерот Емил Димитриев за оправданоста за предлогот Андонов да биде министер, пред пратениците аргументираше дека тој професионално ја познава областа на безбедноста и оти совесно ќе ја врши функцијата.
На пленарната седница пратениците од опозицијата обвинија дека скандалозен и политички неодговорен е предлогот на ВМРО – ДПМНЕ Андонов само неколку часа да биде министер на најважниот сектор кој треба да се грижи за безбедноста на сите граѓани. Тие рекоа дека тој ќе биде само статист кој треба да го потпише решението на досегашниот министер Митко Чавков за да го преземе директорското место на Бирото за јавна безбедност, со што ќе се саботира работата на идниот министер од опозицијата.
Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ реплицираа дека нема ништо противзаконски и противуставно Андонов да биде министер за внатрешни работи, бидејќи бил човек кој ги поседува сите професионални атрибути и оти ја познава областа.
Опозициските пратеници изразија и сомнеж во биографијата на Оливер Андонов што им била доставена во Собранието, во која е наведено дека е професор и безбедносен аналитичар, но оти во документот стоело и името на одреден Шпенд Љатифи.
Андонов којшто е познат како активист на ГДОМ, по формирањето на новата владата за спроведувањето на изборите ќе биде дополнителен заменик министер за внатрешни работи.
Портпаролот на Владата потврди дека претпладнето имало владина седница на која по нивно лично барање се разрешени досегашните директори на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање, Горанче Савовски и Љупчо Андоновски. На истата седница за нов директор на УБК е именуван Владимир Атанасовски, досегашен директор на Управата за финансиско разузнавање.
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз истакна дека станува збор за инсталирање на партиски решенија во МВР и дека тоа негативно ќе се одрази врз целокупната безбедносна состојба во земјата. Тој сугерираше до пратениците предлогот да биде повлечен и на утрешната следна седница да најдат решение.
Владејчката партија ги прави последни прегрупирања во МВР, пред опозицијата да го преземе министерството. На 2 септември треба да се одржи собраниска седница на која според партиските договори, министерската функција во МВР оди во рацета на СДСМ. Според партискиот договор од 20 јули, откако СДСМ ќе го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, ќе може да направи само 15 кадровски промени на раководни позиции.