Достапни линкови

Се договорија да се договорат за избори


Партиите до 31 август ќе треба да ја оценат примената на договореното и да утврдат датум на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада, формирана 100 дена пред нивното одржување.

Партиите вечерва постигнаа договор за излез од политичката криза, соопшти американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли. Претставниците на партиите се договориле околу прочистувањето на Избирачкиот список и за преземање на чекори за поизбалансирано информирање во медиумите.

„Имаме добра вест да соопштиме дека партиите постигнаа договор речиси една година од нашиот договор во јули минатата година за понатамошна имплементација на договорот од Пржино. Наша надеж е дека со договорот ќе се постави патот кон кредибилни избори на кои сите ќе учествуваат и ќе бидат признаени од сите партии“, изјави Бејли.

Во Договорот објавен на веб страницата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, е наведено дека Изборниот законик треба да биде изменет до 22 јули. 171.500 гласачи ќе бидат ставени на посебна листа и нивниот глас нема да биде спорен. Во однос на оние скоро 40 илјади гласачи од вкрстените проверки, во рок од 25 дена треба самите да се пријават за гласање, во спротивно нема да имаат право на глас.

За медиумите, на 30 дена од датумот на овој Договор треба да биде формирано ад-хок тело за мониторирање на известувањето, составено од 5 члена, кое ќе функционира до завршувањето на изборниот процес. Партиите ќе одбираат по еден член, а избраните четворица во рок од 15 дена со консензус треба да го одберат петтиот член.

Најголемата опозициска партија ќе номинира уредник на информативната редакција на МРТВ и доколку партиите потврдат дека има услови за избори, новиот уредник на јавниот сервис ќе стапи на функција сто дена пред избори.

Партиите до 31 август ќе треба да ја оценат примената на договореното и да утврдат датум на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада, формирана 100 дена пред нивното одржување.

Никола Тодоров од ВМРО–ДПМНЕ изјави дека се отвора можност да се организираат кредибилни избори на кои ќе учествуваат сите и на коишто народот ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата.

„Со овој договор се гарантира дека СДСМ ќе биде оневозможена да прави масовни партиски чистки во МВР и оти со ова по завршувањето на изборите завршува и мандатот на преодната влада“, изјави Тодоров.

Радмила Шеќеринска од СДСМ рече дека Договорот го обезбедува тоа што тие го ветиле на почетокот, дека прво ќе се инсистира да се обезбедат услови за фер и демократски избори, а дури потоа да се обезбеди договор за датумот на изборите, а Законот за внатрешни работи кој што беше голем проблем во преговорите ќе биде одложен за следната година.

„Сите договорени услови за обезбедување фер и демократски избори вклучително балансиран и целосен пристап на сите учесници кај медиумите, чистење на Избирачкиот список, учество во преодна влада која ќе организира вакви избори политичките партии ќе треба да ги потврдат на средба која ќе се организирана крајот на август“, рече Шеќеринска.

Артан Груби од ДУИ потенцираше дека единствен можен датум за избори годинава е 11 декември и дека се договориле по изборите заменик министерот во МВР кој ќе биде од ДУИ, да го земе министерското место од рацете на технички назначениот министер од редовите на СДСМ, без разлика кој е исходот на изборите.

Во однос на Министерството за внатрешни работи, кадровските промени на министерот за внатрешни работи е договорено да бидат лимитирани до 15 лица на раководни позиции и можност на десет проценти од бројот на хоризонтални поместувања, кој актуелната власт ги направила од 2013 и 2014 година.

За Специјалното јавно обвинителство, во случај Уставниот суд да донесе одлука дека Законот или дел од него е неуставен, четирите партии се обврзуваат да го усогласот Законот со одлуката на Судот и според оваа одлука во рок од 5 дена повторно да ја формираат Канцеларијата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG