Во Собрание на дневен ред е законот за рекламирање на јавните институции, а претседателот на ЗНМ, Насер Селмани категорично изјави дека е против идејата за донесување на законот, кој, според него, е противуставен и ја суспендира слободата на медиумите.
Селмани укажа дека законот ќе ги легализира и проширува коруптивните односи меѓу власта и сопствениците на медиумите. Таков закон воопшто не е потребен, истакна Селмани, посочувајќи дека тоа станало јасно по објавените прислушувани материјали од опозицијата, кои потврдиле како власта ги корумпира и купува медиумите. За корупција ли да воведеме критериуми, праша Селамани.
„Во 2013 при медиумски пазар од 20 милиони евра, владата учествувала со седум милиони, со што владата учествува со над 30 отсто во финансирањето на медиумите. Познато е дека оној што ги финансира медиумите и ги контролира. Намерата е јасна да ги претвори медиумите во огласна табла на владата и да ја убие секоја критика во медиумите“, рече Селмани.
Според него, владините реклами немаат никаков јавен интерес, туку претставуваат чиста партиска пропаганда на владејачките партии. Тој потсети дека самите министри отворено зборат дека со рекламите владата морала да се обрати на нејзиниот електорат и да се фалат за нејзините успеси.
„Што е работата на министер за здравство ако не да гради болници, да ги опремува болниците, просто да ги подобри здравствените услуги на граѓаните. По таа логика и Собранието треба да има медиумски кампањи и да се фали за донесените закони, или лекарите да се фалат дека лекуваат болни. Ова споредба ја правам за да покажам до кој апсурд се отидени работите“, подвлече Селмани.
Тој кажа дека и владата на САД има медиумски кампањи за привлекување регрути за војската, но, на претседателот Обама не му паѓа на памет да организира медиумски кампањи за да ја фали здравствената реформа „Obama Care“.
Според ресорната министерка Марта Арсовска Томовска, предвидената распределба на јавните средства со законот е транспарентна и недискриминаторска и ќе обезбеди повисок степен на предвидливост на финансиите на медиумите од аспект на законски критериуми.
„Сето тоа ќе придонесе за подобри работни услови на новинарите и на останатите медиумски работници и е добра основа за натамошна професионална дообразба и унапредување на условите на пазарот“, рече Арсовска Томовска, нагласувајќи дека се овозможува целосна гаранција оти уделите на пазарот на медиумите нема да бидат дестабилизирани како резултат на примената на законот.
Според претседателот на Македонската медиумска асоцијација Иван Мирчевски, петте национални телевизии оцениле дека законот е добар со одредени забелешки кои бараат им бидат прифатени.
„Сметаме дека закон којшто регулира каква било сфера во медиумите е добредојден“, рече Мирчевски. ММА, како што информира, бара најмалку 85 проценти наместо предвидените со законот 75 проценти од износот за кампањите на јавните институции да бидат распределени на телевизиите и радијата, и да се тргне членот кој се однесува на донациите и спонзорствата.
Дејан Ѓорѓиевски, претставник на Центарот за медиумски развој, смета дека законот и отвора врата за корупција на медиумите.
„Имајќи ги предвид претходните искуства Законот на Владата и дава огромна и моќна алатка за корупција на медиумите“, рече Ѓорѓиевски.
Според него треба да се уреди објавувањето на јавните кампањи со дефинирање строго определен опфат на теми.
Освен претставници на новинарски и граѓански организации, и медиумски асоцијации, на јавната расправа во Собранието присуствуваа и претставници од државни институции и пратеници.