Перцепцијата за тоа што е вест, која информација е од јавен интерес, како и основното начело во новинарството дека „Јавноста има право да знае“ се целосно извитоперени. Голем дел од медиумите не се занимаваат повеќе со проблемите кои ги мачат граѓаните, туку со успесите на власта или, пак, на опозицијата. Обоеноста на медиумите во портокалово или сино во изминативе години ја намали довербата на граѓаните во медиумите. По една дневна доза информации примена преку малите екрани во ударните термини се добива впечаток дека живееме во некоја скандинавска земја каде што главен проблем на граѓаните е уличното осветлување кое наместо да свети, трепка. Како сите проблеми кои не мачат и за кои отсуствува квалитетно системско решение да не се повеќе во интерес на јавноста.
Розовата слика за македонското општество е надградена и проширена, па сега доби и пурпурни нијанси во кои политичките лидери се воскреваат на пиедестал, на рамниште на богови кои ја одредуваат судбината на смртниците. Дали некој ќе добие лек или социјален стан се решава со само еден телефонски повик од премиерот. Од такви пофалници не е поштеден ни опозицискиот лидер кој на дел од порталите се опишува како светец кој ќе ја избави земјава од патешествието и ќе донесе рај на земјата.
Црната пропаганда стана другата страна на сервираната „медиумска вистина“. Дебатата за суштината стана мисловна именка, па наместо политичарите да одговорат на новинарски прашања, во дел од неколкуте телевизиски обиди за дебатни емисии честопати се појавуваат толкувачи на ставови премачкани со политички бои.
Уредничкиот коментар во голем дел од медиумите често се сервира како општо прифатен став за кој гледачите, слушателите и читателите треба само да го констатираат како таков.
Јавниот сервис е критикуван во јавноста дека оддамна е партиско гласило. Чест на исклучоци, се уште постојат мал број на медиуми кои се обидуваат до јавноста да донесат вистинската информација.
Се уште има новинари кои се трудат да истражуваат и да го откриваат тоа што политичарите не сакаат да го дознае јавноста, нивните матни бизниси, сомнителни тендерски набавки, коруптивни зделки. И со нив политичарите често се пресметуваат понекогаш со оцрнување, а понекогаш и со финансиска одмазда со што го ослабуваат нивниот капацитет за работа.
Новинарот Ерол Ризаов, уредник во „Утрински весник“, вели дека состојбите во земјава се полоши и од перидот на еднопартискиот систем.
„Ако некогаш во социјализмот, во еднопартискиот систем беше подвиг да се критикуваат злоупотребите на власта, денеска е подвиг да се фали власта. Такво нешто нема ни во најрудиментираните општества“, вели Ризаов.
Тој додава дека ние сме дојдени во ситуација кога не им е дозволено на критичарите во јавност да го кажат своето мислење.
„Се прави атмосфера на непријатели, предавници, соросоиди и не знам какви, само затоа што тие луѓе пишуваат и размислуваат различно од апологетите на власта“, вели тој.
Дека медиумите се главната и најпосакувана алатка на политичарите во борбата за власт во изминативе децении покажуваат и многу бројните анкети. Последната анкета на Меѓународниот републикански институт покажува дека луѓето најмногу се информираат од телевизиите, ретко кој чита весници и интернет, а дополнителен информатор им е социјалната мрежа Фејсбук, или кафе муабет со пријатели.
Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за прв пат годинава без дипломатски ракавици конкретно ги посочи негативните состојби во медиумите. Оваа област останува сериозен предизвик во земјата во сегашната медиумска култура и политичка клима, се вели во Извештајот, а земјата во текот на минатата година продолжила да назадува. Во него се наведува и загриженост на Комисијата поради обидите да се ограничи известувањето за работи кои се од јавен интерес.
Ризаов коментира дека оваа година во Извештајот е наведено најголемото заостанување во сферата на медиумските слободи откако земјата ги прима оценките од Комисијата. Тој вели дека назадувањето е резултат на комплетната клима во Македонија, во услови кога автократското владеење не може да сфати што е демократија.
„Таа ситуација е одраз на запрените демократски процеси во Македонија. Лажни се претставите за големите успеси ако немате демократија“, вели тој.
Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста вели дека проблемите со кои се соочуваат македонските медиуми во изминатите години се прецизно наведени во Извештајот.
„Ние тоа го чувствуваме и не треба некој од надвор да ни каже дека има самоцензура, медиумска манипулација и наместо вести дека слушаме пропаганда од политичките елити“, вели Трајкоска.
Во извештајот се наведени и пријавите за заплашување, малтретирање и смртни закани кон новинари. Новинарите продолжуваат да пријавуваат генерална клима на самоцензура. Објавувањето на прислушуваните разговори потврдило дека новинарите повеќе години биле незаконски прислушувани, се вели во Извештајот. За ваквиот став новинарот и уредник во Алсат М телевизија Васко Попетрески на една дебата изјави дека ова укажува на оградување на Комисијата од одговорноста која ја сноси за случувањата потсетувајќи на извештајот на Комисијата во 2010 година кога е констатирано напредок во обезбедување на транспарентна независна и диверзифицирана медиумска средина.
„Оттука мислам дека овој нападен обид на Комисијата во годинешниот извештај да каже дека се што сме слушнале од прислушуваните разговори било претходно споменувано, јасно и предупредено од неа во извештаите е тотална лага, и јас тоа не го прифаќам мислам дека е обид за нејзина амнестија од јасното соучешништво во она што ни се случува во изминативе години продолжува да ни се случува“, рече тој.
Попетрески смета дека Комисијата очигледно не сакаше да слуша ниту да гледа тоа што изминатите години го зборуваше и предупредуваше критичката јавност, веројатно од политички проценки, односно сакаше да му верува на Груевски дека ќе влезе во решавање на прашањето за името, кое тој го злоупотребуваше на домашната сцена.
Објективно известување
Една од трите клучни препораки до Македонија од Европската комисија во однос на медиумите е токму обезбедувањето на пристап на јавноста до објективно и точно известување како и презентација на различни ставови во однос на одредени прашања преку меинстрим медиумите, а особено преку јавниот сервис.
За сликата во известувањето од настаните зборуваше и опозицискиот лидер Зоран Заев кој на една од прес конференциите каде што ги објави таканаречените бомби, изјави дека власта со години уредува вести на приватните телевизии, пушта списоци за вработувања во јавниот сервис и нарачува насловни на весници. Во дел од објавените прислушувани разговори, за кои Заев тврди дека се водени меѓу уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска се слуша, како се ургира за прилози.
„Машки глас: Кажи Бетче.
Женски глас: Драган!
Машки глас: А?
Женски глас: Што правиш?
Машки гла : Еве на работа.
Женски глас: М?
Машки глас: На работа.
Женски глас: Значи, едно, викам едно нешто кога ќе замолам, а бе нема шанси. Нели замолив вчера…
Машки глас: Што е Бети? Па идеше…
Женски глас: Што?
Машки глас: И на сајт
Женски глас: Во 11, во 11, во ноќта никој кога не гледа, сите кога спијат.
Машки глас: Види да ти кажам. Значи не претерујте, зошто има од кај твојот Премиер, толку многу порачки што вестите на Сител се куртон обичен, се пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.
Женски глас: Ти кога си на вести? Денеска ли си на вести?
Машки глас: Значи вчера имаше 7 прилога од вкупно…12, кои идеа по порачка. Анкета имало, па анкетата како се вика, експерти да кажеле, и све, и сега…
Женски глас: Драган, денес ти си на вести?
Машки глас: Не сум, не, Тино, ама не е проблем, кажи ми што треба ќе направам.
Женски глас: Тоа што ќе го пуштат денес на МТВ, пуштете го. Има анкета таму од Естонци за концерот, што кажуваат за Македонија, многу убав прилог.
Машки глас: Чекај, чекај. МТВ дали ќе дадат видео материјал?“
Во друг објавен телефонски разговор, за кој како што тврди Заев е воден меѓу Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски како се договора судбината на радио во Гостивар.
Програмскиот раководител во Македонскиот институт за медиуми Весна Никодиновска смета дека во последното законско решение кои се однесува на правичен и избалансиран и непристресен начин на медиусмко покривање на изборниот процес се дадени само општи рамки и насоки.
Попетрески вели дека забелешките на Комисија околу пристапот на јавноста до објективно известување, се фини, но неспроведливи во моменталната ситуација со оглед на тоа што веќе сме влезени длабоко во предизборие.
Владини пари во медиумите
Владините финансиски инјекции во медиумите честопати беа посочувани како проблем и од домашните новинарски здруженија и од меѓународниот фактор.
Анкетите покажуваат дека 40 проценти од луѓето мислат дека владиното рекламирање во медиумите досега негативно влијаеше врз слободата на медиумите.
Од Здружението на новинари сметаат дека е добро што Комисијата во континуитет во сите извештаи го истакнува и прашањето за нетранспарентното владино рекламирање, кое има големо влијание врз медиумскиот пазар, насочувајќи ги владините реклами кон провладините медиуми за да влијае на нивното известување.
По моја проценка медиумите се главниот пилар за опстанок на власта, вели Попетрески. На пример, проблемот со владиното рекламирање повторно не е решено, иако Владата донесе одлука со која се повлекува од комерцијалното рекламирање на телевизија, радио, интернет и останати медиуми.
„Еве запре владиното рекламирање уште пред три месеци, и што се смени? Следниот ден Трансмет почна кампања и парите си го најдоа другиот тек. Дури и парите да не доаѓаат по други канали, тие медиуми се платени, преплатени, и на сосема други начини испреплетени со власта што запирање на владини реклами ништо не решаваат. Прашањето за владини реклами требаше да се отвори пред седум осум години кога реално беше проблем. Но, отворете ги извештаите на Европската Комисија од тогаш ќе видите дали има збор за тоа. Нема ништо“, вели тој.
Според анализата на ЗНМ, во медиумите постои магичен круг на државните пари кој се одвива преку донации од телевизиите за владејачките политички партии кои подоцна преку владини рекламни спотови ги враќаат делумно парите во телевизиите. Според нивната анализа, од 20 милиони евра кои влегуваат во медиумите од рекламниот колач, една третина доаѓа од владини реклами.
Извршниот директорот на ЗНМ Драган Секуловски при презентацијата на анализата посочува дека ова создава клиентелистички однос меѓу медиумите и Владата и медиумите наместо да служат на јавниот интерес, служат за политичка пропаганда. Од тие причини, предлог на ЗНМ е да се забрани политичкото рекламирање.
На ваквите тврдења се спротивставува претседателот на Македонската медиумска асоцијација, директорот на Канал 5 Иван Мирчевски, кој на тогашната дебата посочи дека податоците се неточни.
„Не е во ред да ги доведувате пријателите од француската и германската амбасада во заблуда и да им понудувате вакви информации кои се далеку од вистината. Што е тука неточно? Неточни се сумите, крајно се неточни и тоа неколку пати ви го кажавме преку нашите средства за информирање, дека доколку сакате, може да дојдете да ги побарате и ќе ги добиете, нема ништо тајно ништо страшно“, рече тој.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, пак, посочи дека ако тоа се неточни податоци зошто тогаш телевизиите не ги споделат нивните податоци.
„Податокот за попустите не го измисливме ние, тој е преземен од вашиот извештај доставен до изборната комисија. Ако вие сакате да придонесете во дебата, кажете ги тие податоци и симнете ја таа фама од јавноста дека податоците не се точни“, рече Селмани.
„Ви кажав колку изнесува просечна цена на една секунда во етер“, рече Мирчевски.
„Не кажавте колку пари земавте по основ на владини реклами, кажете ги колку сте земале оваа година, минатата година и по основ на домашна продукција, не зборете во формули“, одговори Селмани.
Итни приоритетни реформи
Во Извештајот како итни приоритетни реформи за решавањето на недостатоците во оваа област е наведено дека земјата особено треба да обезбеди целосна транспарентност на владините реклами, да развие механизам за неплатени јавни огласи, на политичко ниво да се спроведе воздржаност од страна на политичарите и јавните службеници да прибегнуваат кон клевета.
Трајкоска стравува дека во наредниот период пред избори може да се случи да се донесе само еден обичен политички договор на хартија меѓу политичките елити кој нема да ги подобри состојбите.
„Во кои што новинарите повторно ќе останат на ниво на неслушната страна и ние само ќе ги подобриме работите на хартија а не и во суштината. Процесите на самоцензура кои што траат со години ќе ни треба долго време да се вратиме на некакво нормално професионално известување“, вели таа.
Департизизација на институциите кои се занимаваат со медиумите и јавниот дифузен сервис се само дел од решенијата на долг рок, вели Трајкоска.
„Да се забрани со закон политичко рекламирање надвор од избори па дури и за време на изборите затоа што на тој начин само големите политички партии имаат можност да купат простор и време но не и малите партии со што се нарушува политичкиот плурализам во државата“, вели таа.
Ризаов вели дека сега е тешко да се лицитира и прогнозира дали има шанса да се подобро состојбата со медиумите поради нашите досегашни трагични искуства.
Двете различни позиции на учесниците во дебатите за медиумите одат од една во друга крајност од краткорочни до долгорочни решенија, кои во следниве неколку месеци е тешко целосно да се спроведат, внесуваат страв дека политичкиот компромис по прашањето за медиумите нема да донесе квалитетни измени и подобрување на состојбата. Од меѓународната заедница неколку пати досега апелираат дека не треба да се регулира сè, особено кога сите прашања се политизирани и дека за почеток е доволно политичарите да покажат волја и да ги остават малку слободно да дишат медиумите.
Ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 28 ноември минатата година.