Боја и за зградата на МРТВ. Демонстрантите кои со недели протестираат против политиките на власта со балони со бои гаѓаа кон зградата на Македонската радио телевизија на денешниот протест кој во фокусот го имаше токму работењето на ова институција, која според нив, наместо да биде граѓански сервис е претворен до сервис кој ги задоволува партиски интереси.
Македонија беше на 36 место во слобода на медиуми, додека сега сме на 118 место. Или ние тогаш сме имале врски или денешната власт нема врска од медиуми.Зоран Стефановски, поранешен претседател на Совет за радиодифузија.
Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис во својот говор пред МРТВ рече во таа зграда ги научила основите на новинарство, но и тоа дека наведната глава сабја не ја сече. Поранешниот претседател на Советот за радиодифузија Зоран Стефановски во својот говор потсети дека кога тој раководел до институцијата Македонија била на 36 место во слобода на медиуми, додека сега сме на 118 место. „Или ние тогаш сме имале врски или денешната власт нема врска од медиуми“, реле Стефановски.
Пред МРТВ на разглас се пуштаа снимки од така наречените опозициски бомби во кои, како што тврдат од СДСМ се слуша како високи функционери договараат што да емитуваат медиумите. А пред демонстрантите настапи и „Белизе бенд“. А демонстрантите им поделија и рози на полицајците честитајќи им Денот на полицијата.
За време на протестот дојде и до мал инцидент. Демонстрантите викаа „кодош, кодош“ по еден човек кој го снимаше протестот, а немаше новинарска легитимација. Тој се правдаше дека си снима приватно, а демонстрантите се сомневаат дека е полицаец кој ги снима, за подоцна тие снимки да бидат искористени за нивно апсење.
Претходно демонстрантите во шарени бои ја обоија новата оградата на мостот „Слобода“ на која има слики и мотиви од македонското културно наследство и канделабри со ангели серафими. Граѓани се побунија уште пред да се постави оградата на мостот меѓу Холидеј Ин и Министерството за надворешни работи оти чинеше околу еден ипол милион евра народни пари.
И покрај дождливото време и денеска граѓаните се собраа првин пред канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство за да изразат поддршка на оваа институција. Потоа граѓаните упати кој Собранието, а на чело на поворката носеа транспарент со порака„ Смрт за режимот, слобода за МРТВ“.
„Немаме страв од закани ваши,
никој од вас веќе не се плаши,
народ се буди слобода се раѓа,
дојдете луѓе,
Владата ќе паѓа“, скандираа денеска демонстрантите.
Во последните денови протестот организиран од движењето Протестирам секој ден е фокусиран на еден проблем во општеството, па така се протестираше против корумпираното судство, пред Државната изборна комисија побараа слободен и достоинствен изборен процес, во четвртокот протестите пак беа посветени на првата годишнина од жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако беше објавена опозициската бомба за убиството на Мартин Нешкоски, а вчера во фокусот беше корупцијата.
Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада. Освен во Скопје, протести организирани од Протестирам се одржаа и во Кичево, Струмица, Кочани и Битола.
Во меѓувреме собири организирани од Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) се одржаа во Битола, Кичево и Кочани. Тие бараат избори со кои ќе се стави крај на кризата.