Достапни линкови

Паралелни институции ама на краток рок


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Паралелните инситуции произлегуваат од партиските преговори и неспремноста на постојните институции да ги решаваат проблемите. Но тие не можат да бидат долгорочно решение на проблемите.

По пропаѓањето на првичните идеи за демократизирање и професионализирање на постојните институции, формирањето на нови е некаков излез, но само на краток рок, коментираат експертите. Ваквите оцени следуваат по информациите дека на партиските разговори тема е и ад хок тело што ќе треба да санкционира незаконско медиумско известување сто дена пред изборите. Вакво тело кое би работело покрај Агенцијата за медиуми не е прво што би произлегло по Договорот од Пржино.

Неспремноста на луѓето во постојните институции да ги решаваат проблемите и сопките кои досега се правеа се дел од причините поради кои се формираат на некој начин паралелни институции, коментира аналитичарот Алберт Муслиу. Но, главната причина за неможноста институциите да се департизираат и да работат професионално тој ја лоцира во ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога ќе се воспостави таква ментална матрица тогаш тие претпоставуваат дека тоа е нормална појава. Ние во јавните расправи пред две години можевме да слушнеме и ставови според кои нормално е партијата да ги контролира институциите. И тоа не може да се смени преку ноќ“, вели Муслиу.

Според Драган Гоцевски од Правниот факултет, формирањето на паралелни институции не е решение, оти, како што вели, новите институции лесно се маргинализираат. Клучната причина зошто не може постојните да функционираат тој ја лоцира во недостиг на доверба.

„Тие коишто условно речено преку собрание имаат примат да номинираат членови во постојните институции поддржуваат теза дека постојниот правен систем како таков е добар. Опозицијата цврсто стои зад тезата дека институциите како што се сега се киднапирани од една партија“, вели Гоцевски.

Маргинилизирањето на новите институции се гледа и во однос на Специјалното јавно обвинителство, додава Гоцевски, нагласувајќи дека со малку труд тоа и се случува. Покрај посебното обвинителство кое се занимава со прислушуваните материјали, нешто што соодветно не беше третирано од постојното основно обвинителство, сега се отвораат прашања и за посебни оддели во судот и во полицијата. Овие идеи се засилија откако судот во неколку случаи во кои се инволвирани високи личности од ВМРО-ДПМНЕ според дел од јавноста, не постапуваше соодветно.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG