Има мал напредок на работната група за спроведување на Договорот од Пржино во врска со избирачкиот список, велат извори од опозицијата, но не откриваат други детали. Според нив, лидерска средба сепак нема да има дури до првата половина на август, односно претходно морало да се заврши комплетно работата со избирачкиот список.
Малиот напредок, како што го именува опозицијата, но и евроамбасадорот Аиво Орав, следува по посетата на помошник-државната секретарка на САД за европски и за евроазиски прашања, Викторија Нуланд. Таа испрати силна порака со нејзината средба со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, вели професорот Никола Дујовски. Но, тој не очекува ако состојбата остане иста, таа порака да стигне и до ВМРО-ДПМНЕ кои постојано го напаѓаат обвинителството.
„Ако оваа средба поттикне специјално одделение во судот, па дури и според некои гласини и во Министерството за внатрешни работи, мислам дека такви три институции ќе ги почитуваат и нема да има креативни измислувања како да се прават опструкции на работата на СЈО“, вели Дујовски.
Тој е убеден дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски веќе не бил, како што вели, во игра во државата, туку засега само во партијата.
„Никој во меѓународната заедница не го перцепира Груевски како иден лидер на Македонија, па дури и како лидер на опозиција натаму. Мислам дека неговата политичка кариера на среден рок е запечатена“, вели Дујовски.
Аналитичарот Џељаљ Незири, пак, не смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е делегитимиран.
„Мислам дека сè додека има поддршка и покрај сите коруптивни афери што се појавија во јавноста, Груевски ќе биде фактор во преговорите“, вели Незири.
Според него, тоа зависело од масовноста на протестите и ако многу граѓани излегле на улица да го искажат своето незадоволство ќе почнел процесот на негово дефакторизирање во преговорите.
Инаку, според некои засега непотврдени информации, по посетата на Нуланд во Скопје сè поизвесно станувало дека ќе се одржат избори во ноември. Дотогаш треба да се прочисти избирачкиот список, да се договорат медиумските реформи и да се решат отворените прашања поврзани со работата на Специјално јавно обвинителство.