Достапни линкови

Нема волја за прочистување на избирачкиот список


Германскиот прaтеник Јоханес Хајндл ги натера партиите да седнат на маса, а до доаѓањето на американски помошник државен секретар Викторија Нуланд во понеделник се очекува некаков договор за изборите како излез од кризата. Еден од главните проблеми е што да се прави со спорните гласачи.

Волјата на политичките партии е причина за нерешавање на проблемот со Избирачкиот список, бидејќи Државната изборна комисија (ДИК) функционира по диктат на владејачките партии и не е самостоен и неутрален орган којшто треба да обезбеди фер и демократски избори, коментираат експертите со кои разговаравме по најновите несогласувања на партиите околу планот за прочистување на спорните гласачи од Избирачкиот список.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири посочува дека сите проблеми во ДИК може да се решат, но политичката волја не ѝ овозможува на Комисијата да создаде фер и коректни односи за демократски избори.

„Последно излезе дека 40 илјади гласачи биле проблем, но не е тука суштината. Суштината е дека една нова капка се најде во стариот проблем. Од потпишувањето на спогодбата со пржинскиот Договор до денеска излегоа илјада варијанти во секторот на ДИК коишто беа пречка. Час се фантомските гласачи, час се некои гласачи кои не се знае од каде доаѓаат, час се гласачите од Пустец, што во суштина укажува дека волјата на политичките партии е овој проблем да не се реши и нема да се реши додека има ваков пристап“, вели Демири.

Проблемот со прочистувањето на Избирачкиот список е отворен и треба што побрзо да се реши, со оглед на политичката криза, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски. Тој истакнува дека Избирачкиот список не е докрај веродостоен со оглед на констатациите околу наведените проблематични 40 илјади гласачи, но и поради процесот околу разјаснувањето за тоа колку починати лица се пријавени, колкумина се надвор од земјата или поради оние што ги нема во ниту една база на податоци, а имаат лични документи.

„На крајот, сите тие гласачи влијаат на изборот на бројот на пратеници, меѓутоа треба да се има предвид дека изборот на пратениците зависи и од излезноста. Со оглед на излезноста на последните изборни циклуси, од 40 илјади гласови, ако во просек по осум илјади гласачи гласаат за еден пратеник, тоа би биле околу пет или шест пратеници повеќе или помалку за одредена структура. Тоа би биле пратеници од различни политички партии, односно пет отсто пратеници кои имаат свое влијание“, вели Герасимовски.

Деновиве опозициската СДСМ соопшти дека ДИК и партиите не нашле решение за спорните гласачи. Потоа ДИК на Работната група на партиите им предложи трет избирачки список за спорните околу 40 илјади гласачи, покрај постоечкиот и оној со 170 илјади луѓе кои се спорни за СДСМ и треба да се водат како дијаспора. Претставниците на СДСМ рекоа дека тоа не одговара на нивното барање, ниту досега за тоа е разговарано. ВМРО–ДПМНЕ не гледа ништо спорно во Списокот и вели дека ќе ги прифати предлозите на опозицијата. ДУИ, пак, не сака да прифати список од кој ќе бидат избришани гласачите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG