Достапни линкови

Внимателен притисок или санкции?


Во стилот на лошиот ученик и добриот професор, политичките лидери ќе бидат терани беспрекорно да ја напишат својата домашна задача. Сепак, стратегијата на внимателно однесување кон Македонија може и да се промени и да ја вклучи политиката на санкции.

Ниту еден надворешен фактор нема простор за маневар, освен да инсистира на спроведување на договореното, вели поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески во очекување на некаков исход од посетата на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл. Сега, кога постојат документи со задачи кои треба да бидат исполнети, потребен е искрен пристап од сите страни за реализација на она што е напишано црно на бело, посочува Малески.

„Доколку странските претставници од ЕУ и САД проценат дека е тргнато во таа насока, мислам дека процесот ќе се откочи. Сè додека се саботира реализацијата на веќе договореното од која било страна, нема да можеме да мрднеме од оваа ситуација во којашто сме“, вели Малевски.

Без големи очекувања од посетата на Хајндл, професор Мерсел Биљали посочува дека тој може да даде насоки околу можното создавање на специјално одделение во рамките на Кривичниот суд, каде би се работеле предметите на СЈО. Меѓународните претставници во неколку наврати досега изразија поддршка за СЈО и повикаа да не се опструира неговата работа.

„Не сум сигурен дека тоа толку брзо ќе се направи, при ваква пасивност на опозицијата и конкретно на сите сектори кои се за промени, а притоа очекуваат некој друг да ги направи“, вели Биљали.

Упатените велат дека тактиката на надворешниот фактор е одредена од извештајот на Прибе како и договорот во Пржино, па во стилот на лошиот ученик и добриот професор, политичките лидери ќе бидат терани беспрекорно да ја напишат својата домашна. Притоа, Малески посочува дека стратегијата на внимателно однесување кон една земја како што е Македонија, може и да се промени и да ја вклучи политиката на санкции.

„Тие се многу внимателни кон нас од причина што ние навистина сме една кршлива држава. Прашање е како може да издржи врз себе примена на економски санкции, ускратување на помош и како тоа населението ќе го поднесе. Меѓутоа тоа е во логиката на политичкиот притисок, со цел да се натераат политичарите во земјата да се вратат на тој евроатлантски пат и да го сменат поведението“, вели Малески.

Биљали вели дека проблемите нема да се решат со доаѓањето на Хајндл или кој било друг меѓународен претставник. Сè додека опозицијата не организира фронт на сите политички партии кон власта, Македонија ќе биде на дното на Европа, вели Биљали.

„Не можеме цело време да бараме помош од странство, оти тие немаат магично стапче со кој ќе ги решат проблемите, сè додека не се создадат нови позиции кај нас. А, новите позиции можат да се создадат само со заедничко организирани протести без да се замине дома. Вака ќе дојдат странците, времето се купува од страна на власта, а луѓето се депримираат“, вели Биљали.

Во меѓувреме, партиските преговори се прекинати. Избирачкиот список и медиумите и натаму се прашањата за кои постојат спротиставени ставови, а се разговарало и за функционирањето на СЈО и натамошното процесуирање на предметите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG