Достапни линкови

Власта промовира евроскептицизам


Поради неуспехот во ветениот напредок во евроинтеграциите, власта, водејќи се од принципот „кисело е грозјето“ промовира евроскептицизам.

Владејачката гарнитура и луѓе блиски до неа поттикнуваат евроатлански скептицизам кај граѓаните во обид и да избегаат од одговорноста за десетгодишното владеење, коментираат поранешни амбасадори. Деновиве стигнаа неколку сигнали кои упатуваат на тоа дека земјава се оддалечува од евроатланските структури, иако интеграција во нив е главна стратегиска определба на сите влади досега. Претседателот Ѓорге Иванов нема да оди на Самитот на НАТО во Варшава оти не е испочитувана пресудата од Хаг, а од Европската комисија стигна првото кратење на дел од ИПА фондовите. Засега ништо од ова не предизвика сериозна грижа кај владејачката партија.

„Тој скептицизам сепак сè уште мал се јавува како резултат на едно поттикнување од страна на владејачката гарнитура и луѓе блиски до неа кои заговараат дека ете имаме и друг пат како Македонија да се движиме напред“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.

Деновиве во Русија, на иницијативата на партијата на Владимир Путин, Единствена Русија, декларација за создавање воено неутрална територија на Балканот потпишаа претставници од пет држави од регионот. Потписничка од Македонија е Демократската партија на Србите на Иван Стоиљковиќ, која е дел од владејачката коалиција. Јанко Бачев од Народно движење на Македонија, кое порано беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, почна иницијатива за референдум на кој граѓаните би одлучиле дали сакаат земјава да стане членка на ЕУ.

Впечаток и на поранешниот амбасадор Алајдин Демири е дека владејачката гарнитура го поттикнувала евроатлантскиот скептицизам. Тоа што досега го правеше за ЕУ и НАТО, додава тој, беше само формално. Затоа, вели Демири, трпи меѓународниот имиџ на земјава.

„Апсолутно е нарушен. Ако некој денес мисли дека Македонија има некаков меѓународен имиџ, се лаже. Тој е непостоечки, а претставниците на власта надвор се покануваат само формално“, смета Демири.

Според анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена во април годинава, 71 отсто од граѓаните поддржуваат Македонија да стане членка на унијата, а 23 отсто одговориле со не. Во анкетата спроведена во 2008 година, пак, 96 отсто биле за Македонија да стане членка на ЕУ, а против само три отсто. Слични се процентите и за членството во НАТО. Сега 73 отсто се за, а 20 против. Пред осум години, пак, за биле 92 отсто, а пет отсто против.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG