Достапни линкови

Изборите расплет или заплет?


Одлуката за избори во април и бојкотот на СДСМ, опструкциите на Специјалната обвинителка, постот на Твитер на амбасадорот Бејли и пораките на европските амбасадори во фокусот на дневните весници.

„Македонија пред расплет или нов заплет‟, насловува Утрински како да го предвидува второто. И Утрински и другите печатени медиуми ја објавуваат одлуката од седницата на ЦО на Партијата: „СДСМ не оди на избори во април, министрите остануваат, ќе се бара нов датум‟. Слободен печат како да знае: „Ако СДСМ се повлече од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ прво ќе удри по Јанева!‟ А Вечер веќе знае: „Следи приземјување на Катица – по криминалниот пропуст со записникот, Катица лесно може да се трансформира од обвинител во обвинета‟, насловува весникот близок до владејачката партија. И Дневник ја објавува истата вест: „Специјалната обвинителка на дневен ред - Советот на обвинители неделава ќе бара отчет од Јанева за записникот‟.

Режимот одлучи опозицијата да ја приведе на избори на 24 април!.
Слободен печат.

А пред ова Слободен печат наслови: „Режимот одлучи опозицијата да ја приведе на избори на 24 април!‟ „Македонија прв пат со техничка влада‟ излезе со наслов Утрински по седницата на Собранието која малубројните независни весници и интернет портали ја нарекоа „Продолжен 24 декември‟ и „Државен удар‟. Вечер повторно знае однапред: „Шах-мат – ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на 10 јубилејна победа‟ објави на насловната весникот.

Нова Македонија, како и другите весници го објавуваат постот на Твитер на американскиот амбасадор во земјава, Бејли: „Сите да учествуваат на избори!‟ - како што наслови и Вечер, кој дури во текстот ја објавува реченицата дека „Спроведувањето на Договорот од Пржино е клучно за македонските евроинтеграции како и кредибилни избори‟.

Инаку, освен СДСМ и ДОМ објави дека нема да учествува на изборите во април, како што информира Утрински, кој информира и дека „Албанскиот блок најавува бојкот, само ДУИ ‚гласа‛ ЗА избори‟.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ веќе го назначи Никола Тодоров за шеф на изборниот штаб на Партијата, како што објавија печатените медиуми.

Слободен печат излезе со наслов: „ОБСЕ го демантира Хан – не можеме да гарантираме фер избори‟. Во изјавата се дообјаснува дека ОБСЕ за време на избори има само посматрачи кои не можат да гарантираат ништо. Како и да е, предизборната кампања продолжува: Вечер во наслов ги објавува најновите ветувања на Груевски наменети за младите до 27 години: „Бесплатен железнички сообраќај, нови читални, фитнес зони, компјутерски обуки...‟

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG