Терористички напади низ Европа, стотици жртви, мигрантско-бегалски бран за кој различни групи држави членки на Европската унија имаат спротивни ставови и начини за решавање, економска криза која ги држеше будни европските функционери до раните утрински часови во обид да најдат заедничко решение. Сето ова и се случуваше на Европската унија периодов, несомнено тежок, за разните земји членки кои имаат и различни интереси, а дел од овие прашања директно ја засегаат Македонија. Мигрантите и економската криза кај нашиот сосед Грција директно ја инволвираат земјава во овие глобални проблеми, па како што поминува времето несоодветниот одговор на бриселската политичка елита, придонесе за намалување на довербата кај граѓаните и во јавноста за овој европски сојуз.
Резултатот од тоа е неминовен, македонската јавност сè помалку да има доверба во европскиот капацитет за справување со гео-политичките проблеми.Марко Трошановски, Институт за демократија Социетес Цивилис.
Истовремено на светско ниво Соединетите Американски Држави трпат критики поради недоволната заинтересираност на претседателот Барак Обама за проблемите со кои се соочува Унијата. Но иако се работи за два сојуза перцепирани на моменти како заеднички евроатлански клуб, македонските граѓани не гледаат исто кон двете сили. Кај нас почесто се прават истражувања за поддршката кон Европската унија отколку кон САД, но македонските граѓани имаат различна перцепција за политиките на Вашингтон и Брисел. Според упатените, јавноста кај нас Соединетите Американски Држави претежно ги перцепира од безбедносен аспект, односно низ призмата на НАТО, а дополнително во прилог на поддршка кон САД оди и признавањето под уставното име.
Од друга страна, пак, граѓаните Европската унија ја перцепираат преку економската криза, проблемите со мигрантите, па и проблемот за името поради кој се дозволи Македонија да биде закочена во европскиот напредок, така што поддршката за Унијата веќе со години се намалува.
„Тоа се должи повеќе, да речеме, на потфрлање на Европската унија да се справи, дел до глобалните предизвици, дел со македонската евроинтеграција, тука беше и лошиот одговор на Европската унија кон револуциите во Северна Африка, украинската криза и конфликтот и неуспехот да изгради ефективна заедничка надворешна политика по тоа прашање. Предолгото тактизирање со кризата во Украина, на тоа се надоврза и мигрантската криза и ако дополнително се земе и македонскиот внатрешен проблем на блокираните евроинтеграции. Резултатот од тоа е неминовен, македонската јавност сè помалку да има доверба во европскиот капацитет за справување со гео-политичките проблеми“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетес Цивилис.
Македонија всушност беше на извесен начин и жртва на оваа неединствена политика на Европската унија, но истовремено Македонија од почетокот не се снајде најдобро стратешки, во однос на своите партнери. Во почетокот сигналите што ги праќаше македонската Влада беа партнерство со Вишеградската група и тоа се користеше значително за внатрешно-политички цели.Малинка Ристевска Јордановска, Институт за европска политика.
Слабоста на ЕУ можност за македонските политичари
Целото ова неснаоѓање на Европската унија со мигрантите беше добра можност за дел македонски политичари отворено да ја критикуваат унијата и да се обидат од приказната да добијат поени за себе на внатрешно политички план.
Предводник се чини во критиките кон ЕУ поттикнати од проблемот со мигрантската криза периодов беше претседателот Ѓорге Иванов, па во едно интервју за германскиот весник Билд отворениот напад кон ЕУ со употреба на термините нашата земја е „предадена и напуштена“. „Никој не нè сака“ или пак „oва не е првпат Македонија да биде напуштена од ЕУ“, предизвикаа и сериозна дебата во тамошната јавност.
Државната политика во однос на мигрантите се врза за земјите од т.н. Вишеградска група односно Австрија, Унгарија, Полска, Словачка и Чешка кои како што вели Малинка Ристевска Јордановска од Институтот за европска политика во унијата се сметаат за недокрај слободни земји.
„Македонија всушност беше на извесен начин и жртва на оваа неединствена политика на Европската унија, но истовремено Македонија од почетокот не се снајде најдобро стратешки, во однос на своите партнери. Во почетокот сигналите што ги праќаше македонската Влада беа партнерство со Вишеградската група и тоа се користеше значително за внатрешно-политички цели“, вели Ристевска Јордановска.
Слична беше состојбата и со искористувањето на економската криза, па македонските политичари домашниот економски раст го промовираа како исклучително важен во моменти кога Унијата или конкретно нејзина земја членка Грција е во криза, поради успехот на македонските политичари, а неспособноста на други земјава да напредува. САД и Европа се водат од една стара вистина која вели дека не постои вечен пријател, туку постои вечен интерес, коментира економскиот аналитичар Зоран Витанов, според кој не сега, туку како што вели, со векови Македонија не знаела да се позиционира во однос на светските сили и влегувала во меѓународни текови наивно. Не се постапува превентивно, а се трга од емоции, а не рационално смета Витанов.
Значи нашата Влада не се позиционира дипломатски како што треба, затекнати сме и изненадени од ситуациите што се случуваат, но од тоа се обидува да калкулира на незнаењето на народот и со популизам дава тези дека еве ние сме супер, ама останатите не чинат.Зоран Витанов, економски аналитичар.
„Од друга стана дневната политика на македонските политичари во кое биле време во историјата на Македонија не ни дозволува да гледаме подалеку. И што правиме ние? Се занимаваме со популизам. Од актуелната ситуација во светот гледаме ние популистички што можеме да ќариме. Типично сега тоа го прави нашата сегашна власт. Значи нашата Влада не се позиционира дипломатски како што треба, затекнати сме и изненадени од ситуациите што се случуваат, но од тоа се обидува да калкулира на незнаењето на народот и со популизам дава тези дека еве ние сме супер, ама останатите не чинат“, вели Витанов.
Во однос на поддршката на македонските граѓани за зачленување на земјава во Унијата таа континуирано од деведесеттите навака опаѓа, па ако пред дваесетина години таа беше речиси деведесет отсто според истражувањето на јавното мислење кое го спровело Институтот за демократија во мај лани, мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ без отстапки за името на државата (58,8%), додека близу една четвртина поддржуваат влез дури и со отстапки за името (23,8%). Мало малцинство пак од 13,6 отсто воопшто не го поддржува членството на Македонија во ЕУ. Но сепак македонските граѓани членството во ЕУ го перцепираат најмногу низ призмата на спорот за името со Грција и блокадата од Атина, а не поради односот на Унијата кон глобалните предизвици.
Односите со Вашингтон малку поинакви
Но кога се работи за Соединетите Американски Држави односот е сепак поинаков. Најповрзаната работа меѓу Скопје и Вашингтон во однос на глобалните теми е борбата против Исламска Држава. Претседателот Иванов кој ги обвини европските партнери дека не соработувале во размената на информации, подоцна рече дека соработката се подобрила нагласувајќи дека само во Македонија имало 72 повратници, од лица кои учествувале на боиштата, кои, што како што рече, отишле како екстремисти, а се вратиле како терористи. Во земјава во август Министерството за внатрешни работи ја спроведе и акцијата Ќелија во која, како што соопштија, од полицијата биле приведени исламски радикали кои организирале пат на македонски државјани кон боиштата во Сирија и Ирак.
Но во Македонија овие дебати не се водат, ние сме некако во предворје на сето тоа, кај нас сме преокупирани со внатрешните проблеми, па ни призмата на Малиот Ѓокица како го замислува светот, час ја спомнуваме Украина, час Сирија, а всушност нашите сличности се со некои други земји.Рамадан Рамадани, политички аналитичар
Според аналитичарот Рамадан Рамадани, Соединетите Американски Држави се перцепираат како пофлексибилни и поефикасни во однос на помошта што може да и ја дадат на Македонија, а тоа се покажало во спорните моменти - од конфликтот во 2001 година, признавањето под уставното име, самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а Европа од друга страна е поделена, додава Рамадани.
Според едно истражување на јавното мислење спроведено исто така од Институтот за демократија во 2014 година за перцепцијата на македонските граѓани кон поединечни земји од гледна точна на глобалната политика, без оглед на нејзиниот однос кон Македонија, испитаници најдобро мислење имале за Германија 14,5 отсто, а потоа за САД -11,2 отсто.
Дали Обама предолго је игнорираше Европа?
Шестдневната турнеја на американскиот претседател Барак Обама на Европа уште еднаш го покрена прашањето дали неговото долго запоставување на европските сојузници доведе до сегашните проблеми на Стариот континент. Некои коментатори велат дека сегашните пораки на солидарност со сојузниците нема да придонесат САД да ја задржат позицијата на најголем трансатлантски поборник. Гоце Атанасов.
„Своевремено сјајните триумфи на европската соработка и интеграција паднаа во сенка на несоодветните одговори на терористичките напади на улиците на Брисел и Париз, на нестабилното справување со бранот бегалци од Блискиот Исток и Северна Африка и на растечката закана од преродба на национализмот во Европа кој предизвика две светски војни. На Американците им е тешко да ја сфатат Европската унија, освен како творба за да обезбеди дека никогаш повеќе нема да дојде до војна меѓу Франција и Германија. Ова беше завршено со формирањето лабава континентална конфедерација која заеднички тргува и води заедничка економска и дипломатска политика. И се до неодамна, на Американците не им требаше ништо повеќе од тоа“, пишува во коментарот објавен во Вашингтон пост во кој се додава: „Но, неуспехот на конфедерацијата да развие институции и лидери откри нови измачувачки дилеми“. Сириската дивјачка граѓанска војна, турската лицемерност со бегалците и саудиското финансирање на исламизмот во европските земји помогнаа за поткопување на стабилноста во регионот.
Агресијата на рускиот претседател Владимир Путин врз источна Украина ја турна Европа во длабока несигурност. Некои критичари во Европа, сметаат дека свој удел во тоа има таканаречениот Азиски стожер на претседателот Барак Обама кој придонесе за прегрупирање на американските приоритети надвор од Европа.
„Обама и е добар пријател на Европа на многу начини“, вели за Њујорк тајмс, Николас Барнс, поранешен амбасадор на САД во НАТО, а сега професор на Харвард, додавајќи: „Но, нема сомнение дека тој остави впечаток оти не беше инстиктивно фокусиран врз Европа“. Според Барнс, Обама бил хендикепиран со неверојатно високите очекувања на Европејците за него додека беше кандидат за претседател во 2008 година.
„Со последната посета и самитот на НАТО што треба да се одржи во Варшава во јули, претседателот има шанса да ја напушти функцијата со силен приказ на поддршка за Европа. „САД и Европа треба да повлечат јасна линија околу Полска и балтичките држави и да му кажат на Путин дека нема да му биде дозволено да ги дестабилизира“, вели Барнс.
Грдиот популизам кој се фокусира врз странците како главен извор на болните општества, според Њујорк тајмс, провејува во политиките на двете страни на Атлантикот. Крајно десничарските партии во Унгарија, Франција, Полска и Британија бараат затворање на националните граници. Своевиден изолационизам протежира и Доналд Трамп, еден од водечките кандидати на републиканците за претседателската трка. Неодамна Обама изрази разочараност од тоа што некои европски сојузници станаа, како што рече, „слободни јавачи“ со што индиректно ги поддржа ставовите на Трамп. Тензиите внатре во транс атлантскиот сојуз не се ниту нови, ниту единствени за администрацијата на Обама. Поплаките за Обама се благи во споредба со гневот што го изразија европејците откако Доналд Рамсфелд, секретар за одбрана на претседателот Џорџ Буш, ги нарече Германија и Франција „стара Европа“, бидејќи одбија да ја поддржат војната во Ирак. „Никогаш не сме им во право на Европејците", вели Џон Корнблум, поранешен американски амбасадор во Германија за Њујорк тајмс. „Ние сме или премногу преокупирани со своите работи или се вртиме кон Азија и ги напуштаме“. Американското присуство во Европа всушност им овозможува на американците да бидат тивки, но постојани чесни посредници меѓу европските сојузници во одржувањето на регионалните тензии на ниско ниво. Истото важи и во Источна Азија. Тоа е благородна мисија која треба да се почитува, а не да се напушти, се наведува во коментарот на Вашингтон пост.
Кај нас сепак инволвирањето или недоволната заинтересираност на САД за проблемите со кои се соочува Европската унија не се голема тема. Овдешната јавност ги гледа работите локално, преку вклученоста САД и Европската унија во реализацијата на договорот од Пржино чиј гарантор се двете сили, па низ таа призма гледа со симпатии или неодобрување.
„Мислам дека дебатата која се води е на неколку пати повторена и е севременска. Но во Македонија овие дебати не се водат, ние сме некако во предворје на сето тоа, кај нас сме преокупирани со внатрешните проблеми, па ни призмата на Малиот Ѓокица како го замислува светот, час ја спомнуваме Украина, час Сирија, а всушност нашите сличности се со некои други земји“, вели Рамадани.